Фото: ЕПА

Ако луѓето ми речеа дека во изминатите седум години ќе освоиме шест титули во Премиер-лигата, ќе кажев дека нема да се случи тоа. Но се случи тоа. Сега е нашиот период, вели менаџерот на Манчестер сити, Гвардиола

ФУДБАЛ – МАНЧЕСТЕР СИТИ ПО 10. ПАТ Е ШАМПИОН НА АНГЛИЈА

Манчестер сити, предводен од менаџерот Пеп Гвардиола, го победи Вест Хем со 3-1 на стадионот „Етихад“ во последното коло од Премиер-лигата и стана првиот тим што ја освоил титулата четири сезони во низа. Титулата ја комплетира неверојатната серија од 19 победи и четири нерешени резултати од нивниот последен пораз во лигата, од Астон Вила на 6 декември лани. Манчестер сити освои шест од последните седум титули во Премиер-лигата. Минатата сезона тој им се приклучи на Хадерсфилд, Арсенал, Ливерпул и Манчестер јунајтед, кои на двапати по три години во низа ја освоија Премиер-лигата.
Играчот од средниот ред на Манчестер сити, Фил Фоден, кој беше прогласен и за најдобар фудбалер во Премиер-лигата за годинава, изјави дека „се ставиле во историските книги“, откако неговиот клуб ја освои рекордната четврта титула во низа, а вкупно 10-та во Премиер-лигата. Фоден во последниот дуел од лигата постигна два гола и со тоа ја зголеми серијата без пораз на Манчестер сити на домашен терен на 44 меча во сите натпреварувања. Манчестер сити на тој начин ја заврши кампањата со два бода повеќе од второпласираниот Арсенал, кој славеше на свој терен над Евертон (2-1) во последното 38. коло. Трет е Ливерпул со 82 бода.
– Тешко е да се опише со зборови што постигнавме денеска. Ниту еден тим пред нас не го направил тоа. Видовте колку значи ова за нас и за навивачите. Работевме цела година за овој момент, посебен момент за споделување со навивачите. Сакам да го чувствувам ова секојпат, а нема поубаво чувство од освојување титула. Сега можеме да кажеме дека сме првиот тим што го направи тоа – изјави Фоден по победата над Вест Хем, во која постигна два гола, додека третиот го реализира Родри, пишува британски „Би-би-си“.

Тимот на Пеп Гвардиола четири пати во низа е шампион, нешто што ниту една друга фудбалска машка екипа не успеала од формирањето на англиската лига во 1888, односно пред 136 години. Заедно со шампионот, во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе играат уште Арсенал, Ливерпул и Астон Вила. Барнли, Шефилд јунајтед и Лутон испаднаа од лигата, додека Лестер и Ипсвич се пласираа во елитното друштво. Лидс и Саутемптон ќе играат меѓу себе на „Вембли“ на 26 мај, за да одлучат кој ќе влезе во Премиер-лигата.
Гвардиола (53), чиј договор со клубот истекува во 2025 година, има освоено вкупно 17 трофеи откако пристигна во Манчестер во 2016 година. Досега го водел Сити на 471 натпревар, остварил 349 победи, 57 ремија и 65 порази.
– Денеска е ден за славење. Ако луѓето ми речеа дека во изминатите седум години ќе освоиме шест титули во Премиер-лигата, ќе кажев дека нема да се случи тоа. Но се случи тоа. Сега е нашиот период, ние сме дел од него – задоволно вели Гвардиола, кој се приклучи на листата на менаџери што освоиле шест титули, Алекс Фергусон (13), Џорџ Ремзи и Боб Пејсли по шест, Гвардиола е прв со четири во низа.
– Гвардиола дизајнираше стил на фудбал што се копира не само низ оваа земја туку и низ цела Европа. Најмногу од сè, тој е победничка машина што го всадува тоа кај секој што работи со него – изјави за „Скај спортс“ поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед Гери Невил. Г.И.


Колку беше добар Манчестер сити

Манчестер сити има одиграно 35 меча без пораз во сите натпреварувања, што е најдолгата серија досега на клуб од Премиер-лигата. Фоден има постигнато шест гола надвор од шеснаесетникот во Премиер-лигата сезонава, најмногу од сите играчи, а и најмногу од еден играч на Манчестер сити во една кампања. Родри нема загубено ниту еден меч што го одиграл во Премиер-лигата сезонава, при што само пет од непобедливите на Арсенал од 2003/2004 одиграле повеќе натпревари без пораз во една сезона.