Две жени од Куманово и петмина банкарски службеници се соочуваат со кривични пријави поради сомнение за измама, злоупотреба на лични податоци и злоупотреба на службената положба. Според МВР, со користење туѓи лични податоци биле реализирани 18 брзи потрошувачки кредити, со што повеќе граѓани биле оштетени за вкупно 12.221.500 денари.
Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривични пријави против А.С.Д. (23) и М.В. (35), двете од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на лични податоци“.
Пријави се поднесени и против петмина банкарски службеници – М.П. (34), С.М. (27), Н.Н. (34), Д.М. (48) и С.О. (36), поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од полицијата, првопријавената во периодот од јануари до јули 2026 година, во 18 наврати, наводно ги искористувала личните податоци на повеќе лица и без нивна согласност аплицирала за брзи потрошувачки кредити во нивно име.
По одобрувањето и исплатата на кредитите, парите биле противправно присвојувани од прво и второпријавената.
Останатите петмина пријавени, кои работеле како банкарски службеници во филијала на една банка, според МВР, овозможиле реализација на кредитите и располагање со паричните средства.
На тој начин, како што наведува полицијата, на двете осомничени им била овозможена противправна имотна корист во вкупен износ од 12.221.500 денари.
Надлежните институции продолжуваат со постапување по случајот.


































