Поединечно најдобри резултати сезонава постигнаа Младен Донковски (Макпетрол А) и Данче Наумовска (ГТЦ Мусандра)
КУГЛАЊЕ – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
Кугларите на скопски Макпетрол А во машка конкуренција и на битолски Пелистер Пин во женска конкуренција се прваци на Македонија за 2024 година. Макпетрол А доминираше со 100 отсто победи во регуларниот дел (14) и во плејофот (шест), односно вкупно 20 победи, без пораз.
Второто место го освои Вардар 2014, а третото ГТЦ Мусандра. Изненадување приреди Макпетрол Б, кој се пласира во плејофот како третопласиран, а потоа го освои четвртото место. Двете битолски екипи на Пелистер 1982 се пласираа на петтото, односно на шестото место.
Првенството за жени, кои и сезонава играа заедно со машките во лигата, донесе голема изедначеност и квалитет, со тоа што битолчанките имаа блага предност од првата полусезона и само за еден поен беа подобропласирани од екипата на ГТЦ Мусандра.
Најдобар куглар во лигата е Младен Донковски (Макпетрол А), кој имаше 15 настапи, одигра 58 сета (14,5 по меч) со просек од 578,28 соборени кегли (377,86 во полни, 200,41 во чистење), освои 47 сета, 13,5 поени со ефект од 93,1 отсто, кога се во прашање поените за својата екипа.
Најдобра кугларка е Данче Наумовска (ГТЦ Мусандра), која имаше 13 настапи, одигра 52 сета со просек од 525,15 соборени кегли (352,54 во полни, 172,62 во чистење), освои 21 сет, пет поени со ефект од 38,46 отсто поени за својата екипа. Г.И.