Здружението на жртви и сведоци на геноцид и Здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“ побараа од правосудните институции во Босна и Херцеговина да поведат истрага против претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, за негирање на геноцидот.
– По вчерашните скандалозни изјави на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на ентитетот на Република Српска, Милорад Додик, го повикуваме Обвинителството на БиХ, како и Обвинителството во Федерацијата БиХ, да спроведат истрага против нив согласно нивните надлежности. Негирањето на злосторствата, но и канонадата на навреди кон новинарите, особено искажани кон новинарот на Н1 ТВ, мора да доведат до вклучување на надлежните органи во истрагата, инаку вокабуларот на примитивци ќе стане практика. а понижувањето на жртвите и на сите останати ќе стане модел – се наведува во барањата од здруженијата.
Здруженијата бараат Министерството за правда преку Министерството за надворешни работи на БиХ да го извести Меѓународниот суд на правдата во Хаг и Обединетите нации за негирањето на судската пресуда од февруари 2007 година според која Србија за одговорна за неспречување и неказнување на геноцидот во Сребреница“.
Вучиќ, за време на вчерашната посетата на Саем во Мостар, изјави дека „пред Меѓународниот суд на правдата е утврдено дека Србија на ниту еден начин не е одговорна за наводниот геноцид во Сребреница“.
Од здруженијата истакнуваат дека Вучиќ со таквата изјава го прекршил Кривичниот законик на БиХ, кој беше изменет со одлуката на високиот претставник за негирање на пресудите на меѓународните и домашните судови и негирање на злосторствата геноцид и злосторствата против човештвото.
Членовите на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ утре ќе отпатуваат Њујорк, по повод најавата за усвојување на резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Резолуцијата за Сребреница подразбира одлука да се одбележува 11 јули секоја година како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година.
Предлагачи на резолуцијата за геноцидот во Сребреница се Германија и Руанда.