За разлика од претходните неколку години кога природата беше многу сиромашна со храна, годинава родот на желадите, дивите јаболка, капините и шиповите беше многу богат, што придонесе дивите животни, пред се мечките, своите секојдневни потреби од храна да ги задоволат во непосредната околина, без притоа да влегуваат во населени места.
Токму дарежливата природа ова лето, во огромна мерка помогна нападите врз пчеларниците речиси и да ги нема, што беше незамисливо во последната деценија, кога поради овој проблем беа направени големи штети на сопствениците на пчели.
– Благодарение на богатиот род на повеќето растенија во природата од јаболка, желади, капини, шипинки и други плодови, дивите мечки гладта ја задоволуваат во изобилството на шумски плодови во својата непосредна околина. Таа дарежливост на природата ќе им овозможи да насоберат доволно сало под густото крзно пред да хибернираат, во периодот на зимата која последните години е се пократка и потопла – вели Коста Галиман, претседател на земјоделското здружение „Виножито“.
Тој низ бројки ни потврди колкав бил бројот на уништени пчеларници претходните години и колкав е нивниот број годинава.
– Најдобар доказ за ситоста на дивите мечки оваа сезона е бројот на уништени пчеларници во западниот ден од земјава, каде разликата е фрапантна, бидејќи претходните десетина години бројот на уништени пчеларници од страна на дивите мечки се движеше од 150-180 пчелни сандаци, додека годинава, до овој момент, буквално не е пријавен ниту еден напад, или бројките се минимални. Бидејќи брзо ќе дојде најстудениот период од годината кога мечките нема да бидат активни, тоа ќе значи дека во тој поглед имаме идеална година, а со тоа и пчеларите барем накратко да бидат раат. Но, бидејќи приносите од мед се мали, и ако им се случеа големи штети од вакви напади, тогаш ќе беше вистинска пропаст за оваа гранка во целост, и одгледувањето на пчели, да претставува крајно неисплатливо – додаде претседателот на „Виножито“. З.А.