По пријателските мечеви во минатите десетина дена, селекторите на Холандија и на Англија, Куман, односно Саутгејт, изјавија дека би поддржале одлука за зголемен број репрезентативци во составите на годинашното Европско првенство. Селекторите на учесниците на ЕП 2024 треба да се состанат во април на дводневна работилница во Диселдорф. Селекции со по 26 фудбалери, наместо 23, беа дозволени на ЕП 2020 и на СП 2022
Да не можеш да избереш 26 фудбалери е многу чудно. Апсурдно е да се вратиме на 23. И мојот колега така гледа на тоа, изјави селекторот на Холандија, Роналд Куман, во врска со составите за претстојното Европско првенство (ЕП), пренесе германскиот спортски дневен весник „Кикер“ на својата интернет-страница.
Повеќебројни тимови беа дозволени на паневропското првенство во 2021 година и на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар поради пандемијата на коронавирусот. За Европското првенство во Германија, Европската фудбалска унија (УЕФА) го врати правилото како претходно, пишува „Кикер“. Секоја репрезентација мора да достави список со 23 играчи најмалку седум дена пред воведниот натпревар, пишува УЕФА.
Селекторот на репрезентацијата на Англија, Герет Саутгејт, посочи дека би бил за состави со по 26 фудбалери на Европското првенство во Германија летово.
– Има уште еден состанок на Европската фудбалска унија каде што малку се зборуваше меѓу некои од селекторите за евентуално зголемување на бројноста на репрезентациите од 23 на 26 – рече Саутгејт, пренесоа британски медиуми.
Англискиот селектор во периодот за пријателски натпревари во минатите десетина дена мораше да се бори со многубројни проблеми со повредени фудбалери. Саутгејт беше запрашан дали ќе го поддржи притисокот за состави со по 26 фудбалери.
– Па, со оглед на тоа каде сме сега. Мораме да ги донесеме најдобрите одлуки во врска со изборот со она што го знаеме и некои од тие моментно ќе бидат медицински одлуки. Успеавме да ги направиме правилно за претходните два турнира. Успеавме да им дадеме на луѓето време да закрепнат, откако ги именувавме во тимот. Но со 23 тоа е дефинитивно потешко – рече Саутгејт, пренесоа британски медиуми.
Селекторите на репрезентациите учеснички на Европското првенство во Германија треба да се состанат во април на дводневна работилница во Диселдорф. Н.М.