Архива/Фото: Нова Македонија

Во многу правилници, упатства и други подзаконски акти не е прецизно сообразена законски направената дистинкција меѓу независен и партиски кандидат (во Изборниот законик се оперира со термини што ги раздвојуваат категориите „независен кандидат“ и „кандидат“), така што се отвора широко поле за слободно толкување на разни одредби, кои може различно да се рефлектираат, како врз кандидатите така и врз партиите што ги предлагаат или поддржуваат

Почетокот на претседателската кампања наближува, некои прашања и натаму остануваат отворени

На една недела од почетокот на кампањата за претседателските избори, извесно е дека седум кандидати влегуваат во трката за функцијата претседател, од кои шестмина, според одредбите од Изборниот законик, се независни кандидати. Само еден кандидат е поддржан од 30 пратеници како партиски и истиот тој како „кандидат“ е утврден од надлежната изборна комисија во согласност со Изборниот законик.
Имено, иако претходно беа номинирани како кандидати на политички партии, Стево Пендаровски, Стевче Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска Цветковска и Бујар Османи ги доставија кандидатурите до Државната изборна комисија врз основа на собрани граѓански потписи.
Во согласност со дословното толкување на законската легислатива, сите шест претседателски кандидати се всушност независни кандидати, предложени од група граѓани. Имено, според членот 2, став 1, алинеја 7 од Изборниот законик: „независен кандидат“ е кандидат за избор на претседател на Републиката, пратеник, градоначалник или член на совет кој е поддржан од „група избирачи“.
Од друга страна, кандидатката Гордана Силјановска Давкова ја приложи кандидатурата врз основа на собрани пратенички потписи, има јасна партиска кандидатура и смета на партиска и широка граѓанска поддршка при гласањето.

Што се крие во деталите

Според Изборниот законик, многу прецизно се издвојуваат две категории кандидати за претседател на државата: „кандидат“ и „независен кандидат“, така што клучната дилема што сега се наметнува во јавноста е дали тие две категории кандидати уживаат различен статус и привилегии во законската регулатива за време на изборната кампања.
Дилемата се наметнува од причина што во многу правилници, упатства и подзаконски акти не е сообразено дефинирана оваа дистинкција, така што се отвора широко поле за слободно толкување на разни одредби, кои може различно да се рефлектираат, како врз кандидатите така и врз партиите што ги предлагаат или поддржуваат.
Имено, во текот на изборната кампања клучната борба секогаш се води како да се заземе медиумскиот простор за да може одреден кандидат подобро да ја претстави својата програма и да го мотивира граѓанството да го даде својот глас за него.
Класичен пример каде што може да се рефлектира ова е одредбата од членот 75-ѓ, став 1 на Изборниот законик. Ако буквално се следи словото на законот, тогаш од вкупно седумтемина потврдени претседателски кандидати, дури шестмина (со исклучок на Гордана Силјановска-Давкова, која поднела кандидатура со пратенички потписи) имаат стекнат законски статус и правен третман на независни кандидати.
Оттука, ако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се повика на посочениот чл. 75-ѓ, ст. 1, бидејќи истиот тој стриктно фигурира со терминот „партии“ (а не „независни кандидати“), сите овие шестмина независни претседателски кандидати би требало да ги смести во последната четврта група и да делат само 30 секунди во етерот.
Од друга страна, претседателските кандидати, според законот, мора да отворат своја сметка преку која ќе ги плаќаат сите активности поврзани со изборниот процес, за што ќе добијат соодветни средства од државата. Но проблемот се појавува токму тука бидејќи шестемина се регистрирани како „независни“ кандидати, па во тој случај политичките партии нема да можат од нивните партиски сметки да го плаќаат нивното медиумско покривање бидејќи „партија не смее од своја сметка да финансира кампања на независен кандидат“.
Ова е само еден мал сегмент од несообразеностите во актуелната регулатива што можат да произлезат од целата оваа рашомонијада со кандидирањето претседателски кандидати, кои иако партиски поддржани, сега испаднаа дека се независни.

Обична демонстрација на моќ или тактика?

Познавачите на изборната проблематика сметаат дека има многу нејаснотии и во Изборниот законик, и во правилниците, и во упатствата бидејќи од избори на избори се соочуваме со нови и нови „иновации“ за кои немаме прецизно решение.
– Заради желбата на дел од партиите да демонстрираат моќ, почнаа да се собираат потписи иако некои од кандидатите можеа да обезбедат и пратеничка поддршка. Сега всушност шестмина се независни, а еден кандидат е класичен партиски кандидат. За некој ден почнува изборната кампања и ќе видиме што се криеше зад сета оваа претстава со собирањето потписи, но во секој случај, ќе има многу поплаки и забелешки околу статусот на кандидатите и колку време им е доделено, од кои сметки се префрлаат пари за кампањите, има ли елементи за корупција, за прекршување на законот и слично. Очекувам и тоа да биде едно од оружјата што кандидатите ќе ги употребуваат во меѓусебната пресметка – велат соговорниците.
Политичкиот аналитичар и новинар Зоран Димитровски смета дека доколку има непрецизни работи во правилниците за медиумско претставување на претседателските кандидати, тогаш тоа не би било добро за изборниот процес.
– Ако има проблем во правилниците со кои оперира, на пример, АВМУ, тоа е многу лошо и тоа ќе се одрази врз предизборниот процес. Како законско решение сите кандидати мора да бидат изедначени, да имаат еднаков пристап до медиумите, порталите, до сѐ што е начин на нивна промоција. И пристапот до парите што ги дава државата треба да им биде еднаков. Претседателските кандидати мора да бидат комплетно еднакви. Се разбира, некои можат да трошат и дополнителни пари, но она што државата го дава мора да биде рамноправно – вели Димитровски.
И тој го дели ставот дека големите партии со собирањето потписи за претседателските кандидати само демонстрираа моќ.
– Ова што големите партиите го прават со собирање потписи е класична демонстрација на моќ, дека партијата може да собере 20, 30 илјади потписи за кусо време, за неколку часа, тоа е чисто во интерес на изборната кампања. Инаку сметам дека сите кандидати се сосема изедначени, нема никаква разлика. Се разбира доколку постојат граѓански кандидати е добро, но ние не сме такво општество, гледаме во овие три децении дека доминантните партии не само што предлагаат претседатели туку претседателите се избрани од гласачите. Без поддршка од поголема партија, тешко ќе стигнете до функција. Тоа го слушавме и од Пендаровски, дека ако ја нема поддршката од СДСМ и ДУИ, нема да се кандидира. И Глигоров кога повикуваше „не ме оставајте сам“, му беше потребно зад него да застанат партиите, оти очигледно системот е така скроен во Македонија и реално многу тешко успеваат независни кандидатури. Проблемот е што ретко се јавуваат такви независни кандидати што би уживале широка поддршка. Во секој случај, многу е поголем легитимитетот ако граѓанскиот кандидат биде избран од страна на граѓаните – истакнува Димитровски.

Каква и да е формулација, натпреварот треба да биде со еднакви услови
за сите

Тој забележува дека без разлика дали се работи за независна или партиска кандидатура, пристапот мора да биде еднаков и законите мора да го гарантираат тоа.
– Не е во ред да има каква било разлика во можноста за рекламирање или во што било друго. Проблемот е што во изминатите 30 години ние направивме систем што повеќе им одговара на големите партии. Слично е и со парламентарните избори во контекст на изборното време, каде што имаше нерамноправност помеѓу големите политички партии и помалите. Важно е да се упати порака дека сите кандидати мора да бидат еднакви не само во претставувањето, туку и во можноста да може да се купи медиумско време, сето тоа да биде еднакво. Тие треба да имаат доволно простор, пред сѐ во јавните медиуми, па и во комерцијалните, кои се сметаат за релевантни, да ги претстават своите агенди, а социјалните медиуми имаат свои правила и тоа зависи од финансиската моќ на партиите, иако гледаме дека за големите партии тоа не е никаков проблем. Проблем е што во таквите кампањи можат да се слеат и многу црни пари, кои тешко се следат. За жал, ние немаме закон што ги изедначува и електронските медиуми со другите и таму состојбата може да биде неконтролирана. Од друга страна, остана онаа одредба дека државата плаќа за кампањите на кандидатите и на политичките партии. Штом државата им плаќа на медиумите, видовме дека се формираат медиуми што гаснат веднаш по изборите и идејата е само да соберат пари и да ги исперат парите на големите политички партии, имаат само наменска улога и тоа е многу лошо законско решение, кое не се промени, направено е за корупција и од таа корупција не добиваат медиумите, туку одредени политички фигури што формираат медиум, перат пари итн. – посочува Димитровски.
Според него, мора навремено да се расчистат сите дилеми околу таа класификација на „независен“ и „партиски“ кандидат, да се провери точното законското решение бидејќи сите мора да бидат изедначени.
– Сите мора да имаат еднаков третман оти тие како кандидати мора да отворат посебна сметка, да имаат изборен штаб, маркетинг и во таа смисла преку тие сметки ќе се контролира на еден транспарентен начин како се трошат парите што државата ги доделила за изборни активности, без оглед дали некој фигурира како независен или како партиски кандидат – заклучува Димитровски.