Сржта на ХЕ „Чебрен“ е користење на водата

Професорот Милан Илиески, поттикнат од актуелноста на темата и од серијата написи во „Нова Македонија“ за водните ресурси како врвно национално богатство, ни го отстапи својот текст, со загадочен наслов „Сржта на ХЕ ’Чебрен‘ е користење на водата“,посветен на актуелните прашања поврзани со искористеноста на водните потенцијали во Македонија, а по повод денешниот Светски ден на водата

ИМА ЛИ КРАЈ УНИШТУВАЊЕТО НА ВОДИТЕ

Деновиве, враќајќи се од САД, редакцијата ја посети д-р Милан Илиески, пензиониран професор на правни науки. Тој наедно е и почесен професор гостин на Универзитетот „Вашингтон“ во Сиетл, САД. Неговата докторска дисертација била на темата „Економско-правни аспекти на водите“. Професорот Милан Илиески, поттикнат од актуелноста на темата и од серијата написи во „Нова Македонија“ за водните ресурси како врвно национално богатство, ни го отстапи својот текст посветен на актуелните прашања поврзани со искористеноста на водните потенцијали во Македонија, а по повод денешниот Светски ден на водата.

Според Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година и 19 амандмани донесени до 16 ноември 2001 година, со членот 56, водите се природно богатство, во општ интерес и општа употреба и уживаат посебна заштита. Општата употреба на водите значи дека секој во секое време може да ги искористува водите, по правило без надомест. На пример, јавните чешми, реките, езерата, патеките по бреговите од изворот до вливот.
Општиот интерес е сложена уставна категорија што содржи четири компоненти. Прва е политичката, што подразбира дека само Собранието на Република Македонија може да одлучува по однос на прашања за водите. Водите се природен феномен што не признаваат државни и административни граници. Познато е дека користењето на водите е многу чувствителна работа и евентуални конфликти се жестоки и крвави.
Втора е правната компонента, што значи дека само со закон може да се уредуваат прашањата за водите. Водите се специфично природно добро, кое може да се користи повеќенаменски и истовремено да се користи од повеќе субјекти за различни потреби, на пример за пиење, наводнување, прехранбена индустрија, спорт и рекреација, сообраќај, риболов и многу други потреби. Оттука, во правната наука се смета дека водите сами го „пишуваат“ законот, бидејќи овие функции никој не може да ги измени. Законот ги уредува условите, начинот за користење и постапката. Само Собранието може да одреди со закон кои води ќе се користат и за каква посебна намена. На пример, за користењето на водите за ХЕ „Чебрен“. Законот за води не може да се рецепира (препишува) од која било држава и да се применува во друга држава. На пример, Република Турција го препиша Законот за води од Швајцарија, во практичната имплементација тоа се покажа дека е невозможно, па повторно се врати на својот стари закон за води.
Трета е економската компонента. Со користењето на водите се утврдуваат услови за собирање пари што ги надоместуваат трошоците, истражувањата за нови извори на води за развој. Водите немаат цена, а имаат надомест и придонеси.
Четврта компонента е социјалната, со цел да се обезбеди вода за секој жив организам. Никој не смее да остане без вода за пиење. Тоа е општ социјален принцип.
Само водата, за разлика од сите други природни богатства, има и петта компонента, а таа е дека водите му се неопходни за живот и работа на целиот жив свет.
Законот за води на Република Македонија од 1998 година, со многубројни измени и дополнувања, не успеа да ги обедини дејностите со водите во еден државен орган, туку го повторува карактерот на Законот како хидротехнички и, со својата организациска шема, со години дејствува како отежнувачки во однос на развитокот на водостопанството и на целокупниот развој на државата.

Фото: Горан Анастасовски

Во современите развиени држави во светот постои еден државен орган или посебен правен пропис за приоритет на користење, како на пример во САД, каде што постои Национален совет за водите во кој членовите ги именува претседателот на државата, кои научно, стручно и практично ја познаваат водата од сите нејзини аспекти, како исклучително значителна материја што носи печат на феноменалност. Во САД овој орган е надлежен за давање согласност за издавање концесии на крупни проекти. Во Република Франција, покрај Законот за води, постои и Уредба за приоритетно и посебно користење на водите.
Во нашата земја, во поглед на водите зачудува очигледно широкиот радиус на незаинтересираност, одбивност и недоволна компетентност за разбирање на значењето на водите. Се занемаруваат светските искуства, анализи и факти. Во 21 век водите се најскапото природно добро, буквално се најбараното драгоцено добро. Налудничавата трка за капка вода е започната, особено за чистата вода за пиење. Кај нас, за жал, овие надлежности се на периферијата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за економија и во Министерството за екологија.
Економијата и екологијата се дисхармонични по однос на прашањето на водите. Екологијата има основна цел да се грижи за водите да останат во својата природна средина и да го задржат природниот квалитет. Економијата, пак, со издавање на водостопанската дозвола ги користи и искористува водите, со единствена цел за што поголем профит на концесионерот. Користејќи современа механизација, багери, ровокопачи или бетонски цевки и други градежни материјали им прави штета на природните сегменти на водите, нивните својства и квалитет. Едноставно речено, профитот се става над еколошките основи на водите. Таков е примерот со малите хидроцентрали, кои немаат големо економско значење за електростопанството, но ги уништија природната средина и чистата и бистра планинска вода.
Што може да се случи ако се наруши природната рамнотежа од суши и евапострансперацијата (научен поим за движење на водата од копното кон воздухот и обратно)? На пример, ако водата на Црна Река има концесија (дозвола, одобрување), тогаш на подрачјето што е одредено со договорот за концесија ќе имаме ограничен суверенитет, што значи не ќе можеме без согласност на концесионерот да бараме пренамена од водата од Црна Река и езерото Чебрен. Не ќе можеме да ги користиме ни подземните води на тоа подрачје. Ако не се постигне согласност помеѓу двете договорени страни, настанува меѓународен спор, затоа што договорот за концесија ужива меѓународна заштита, која се обезбедува со склучување меѓународен договор за заштита на инвестициите.
Во последните години во многу стручни и научни списанија и студии, заклучоци од многу светски самити и конференции, може да се прочитаат текстови со драматични, загрижувачки, дури и панични содржини, за тоа што се случува и ќе се случува со водите во иднина. Американските футуролози Питер Шварц и Даг Рандал подготвија студија за Министерството за одбрана на САД во однос на климатските промени. Студијата е насловена „Едно сценарио за брза промена на климата и нејзините импликации за националната безбедност на САД“. Авторите тврдат дека оптимистичките сфаќања за постепени климатски промени претставуваат опасно самозалажување и дека треба да се подготвуваме за брзи и неочекувани промени.

Во 21 век водите се најскапото природно добро.Тие се најбараното драгоцено добро. Водите немаат цена!

Ќе се почувствува серија на катаклизми што ќе доведат до војни за контрола на изворите на вода, храна и другите природни ресурси. Особено внимание се посветува на тоа во однос на водата. Две години од појавата на оваа студија, и најголемите критичари сметаат дека тоа е возможно. Тоа што го потврдуваат во однос на роковите, природата многу брзо го демантира. Ал Гор, потпретседател во мандатот на Џорџ Буш Јуниор, кој е добитник на Нобеловата награда за климатски промени, во својот документарен филм „Неизбежна вистина“ покажува дека временската прогноза за наредните 15 години што ја предвиделе футуристите Шварц и Рандал веќе се остварила. Сега многу реки, езера и извори веќе се пресушени.
Многу светски аналитичари од областа на водите тврдат дека третата светска војна е почната. Нивните предвидувања ги изведуваат од фактите дека живееме во нагли климатски промени. Екстремно високи или ниски температури, суши или поплави, појава на необични атмосферски појави, како снег во Африка, а недостиг од снег во северните краишта, топење на глечерите на Гренланд, Алпите или Антарктикот, појава на чести разорни урагани и торнада, чести бури и други екстремни промени. Водата за пиење се намалува и моментално во светот се располага со 40 отсто од светскиот потенцијал на вода за пиење. Светски познатиот географ Арон Волф истакнува дека во текот на последните години избувнале 37 воени судири за вода. Најголеми ризици за почеток на избувнување на воени судири има во Азија и во Африка. На пример во Турција, со изградбата на браната на реките Еуфрат и Тигар, реагира Ирак и жестоко се противи, зашто се намалува дотокот на вода во нивната држава. Турција во оправдувањето истакнува, цитирам: „Вам Бог ви дал нафта, а нам вода“. Сличен конфликт за и околу водата има помеѓу Етиопија, Еритреја и Судан поради изградбата на браната Асуан на реката Нил. Друг пример е конфликтот помеѓу САД и Мексико за водите на реката Колорадо, чие количество на вода е преполовено. На тромеѓата помеѓу Аргентина, Парагвај и Бразил постои најголемиот подземен резервоар на вода за пиење. Истиот тој се чува со постојано воено присуство поради опасност од терористички напади.
Авторот Фред Пирс во книгата „Кога реките ќе пресушат“, како прв современ воен судир за и околу водите го наведува судирот од 1967 година помеѓу Израел и Јордан, кој се водел за водите на реката Јордан. Тој конфликт сѐ уште трае, а Израел смета дека тие води за земјата се од значење на живот или смрт.
Драматични климатски промени се предвидуваат и за соседна Грција, каде што науката предвидува суши, поплави, невремиња, особено во централниот дел на Грција, околу Лариса и Кардица, кој претежно е земјоделски крај и каде што водата има огромно значење. На грчките острови поради оскудица со пивка вода, течноста што живот значи се плаќа со „злато“. На познатиот монденски остров Санторини, само транспортот на вода се наплаќа 10 евра по еден кубен метар вода.
Во Македонија има околу 350.000 хектари суппустинска земја, на десната страна на реката Брегалница, во триаголникот помеѓу Богословец, Штип и Градско. Регионот на Овче Поле, според Додева и Лисичанец, е супстепски регион, со релативно мали врнежи.
Пред неколку години Советот на Европската Унија на специјална сесија истакна дека војните за вода почнале од причина што некои нејзини членки се чувствувале загрозено од недостигот од вода за пиење. По завршувањето на војната во Југославија, многу големи европски компании го „окупирале“ на некој начин, го запоседнале регионот на Плитвички Езера, кој се смета за најголем надземен слатководен извор на вода за пиење во Европа. Водниот потенцијал на овие езера изнесува 7 отсто од вкупниот воден потенцијал на Европа. Денес во Србија 34 отсто од водите се во странски раце.

Националните води имаат пет компоненти: Политичка, правна, економска, социјална, и …компонентата на животот!

Европската Унија на 23.10.2000 година ја усвои директивата 2000/60/ЕС, која на прво место го утврдува приоритетот на водите за пиење и преостанатиот жив свет.
За користење на водните ресурси се развива планетарен монопол од француските компании, преку британската „Д сур“, но без германски, американски и јапонски компании не може да се замисли пазарот на води во светот. Секогаш на јавен повик учествуваат нивните супститути, во форма на скриени фирми-ќерки, и тоа во поголем број, со цел да се добие концесијата. Според меѓународното право, онаа фирма што ја добила концесијата е договорната страна. Во Македонија има случаи кога не се почитува овој принцип. На пример, на јавен повик за ревитализација, оперирање и трансфер на води (РОТ), на седум мали хидроцентрали, се пријавиле 15 странски компании и една македонска. Избрана беше компанија од Прага, Чешка (ќерка), а договорот беше потпишан со фирма од Лондон, В. Британија (мајка), која воопшто не учествувала на јавниот повик. Тоа е елементарно непознавање, зашто сржта на овие мали хидроцентрали е водата. Ако целта е само производство на електрична енергија, тогаш треба да биде право на искористување на планинските води. Меѓу правото на користење и правото на искористување има голема разлика.
Јавни повици за концесии на води се многу ретки. Причините се образложени погоре, зошто чиста вода за пиење сѐ помалку има на планетава, а таа не е комерцијален производ. Првите концесии се појавиле во 1848 година во САД и водата им била дадена на располагање на трагачите по злато. Последната, по мое мислење, ѝ е дадена на француска и јапонска компанија на реката Манагват во Турција, која се наоѓа на турско-сириската граница. Како експерт на Светска банка имав можност да ја видам, една природна реткост, каде што од пустински карпи извира чиста, бистра, ладна вода, како финален природен производ, со сета своја феноменалност. Нашите домаќини од Турција ги броеја годините кога ќе заврши 20-годишната концесија и да ја вратат во свое владение.

Налудничавата трка за капка вода е започната, особено за чистата водата за пиење!

Правото на користење се стекнува со управен акт – водостопанска дозвола.Ова право содржи јавноправни и имотноправни овластувања. Во суштина е спецификацијата за начинот на користење и искористување на водите. Бидејќи водите немаат цена, а имаат надомест и придонес, во случаи на издавање дозвола за хидроенергија, треба јасно да се определи границата помеѓу јавноправните овластувања и имотноправните овластувања, што претставува суштината на содржината на правото на користење.
Според директивите на Европската Унија и нашиот закон за води, водите не се стоки што може да се продаваат. Исклучок се минералните и термалните води, за кои со посебен закон, правото на користење во својата содржина го има и правото на располагање со водите. Со посебен закон може да се одреди кои функции од водата се од стратегиски интерес за државата. На пример, закон за изградба и користење на водата од Црна Река за хидроенергија на проектот „Чебрен“.

Во Македонија економијата и екологијата се дисхармонични по однос на прашањето на водите

Здружението на инженери и авторитетните универзитетски професори Трајковски и Туневски, а особено професорот Константин Димитров, успеаја да ја анимираат јавноста, за да видиме и ние во Република Македонија кој и како во современиот свет издава концесии за користење на водните ресурси. На тој начин со факти ни ги отворија очите. Техничката интелегенција и науката успеаја да ги заштитат државните интереси.
Водата е најдрагоценото, најбараното природно добро, таа е основа на животот и смртта. Во ова време во кое живееме, таа има посебна важност. Затоа укажувам дека сржта на проектот ХЕ „Чебрен“ е водата.
Како граѓанин на нашата држава, според Уставот, јас сум основен политички субјект што избира претседател на државата, народни пратеници во собранието, преку нив и на владата, градоначалници, на референдум и друго. Но дали тие што ќе ги избереме можат да ја заборават корупцијата кога станува збор за водите, како природно богатство на Република Македонија.

Фото: Горан Анастасовски

СВЕТСКИ ДЕН НА ВОДАТА, 22 МАРТ

Во Рио де Жанеиро, во јуни 1992 година, на Конференцијата за заштита на животната средина и развој, со присуство на 179 делегати на различни држави, беше усвоена Агендата 21, како глобален план за работа со идентификување на најкритичните проблеми во светот. Во Агендата 21 се опфатени сите природни богатства (вода, земја, руда и шуми). Овој документ започнува прво со водите како извор на живот на човекот и целиот жив свет на планетата Земја. Посебно се нагласува потребата да се прогласи светски ден на водите.
Генералното собрание на Обединетите нации, шест месеци подоцна, на 22 декември 1992, усвои резолуција со која 22 март го прогласи за Светски ден на водите, а 23 март за Ден на метеорологијата. Овој ден не е случајно прогласен, тоа е почетокот на пролетта на северната хемисфера на Земјата.
Целта на Светскиот ден на водите е да се разбуди свеста на човекот за значењето на водите.


На јавен повик за „Чебрен“ во 2008 година се јавиле 35 земји

На јавниот повик во 2008 година за „Чебрен“, за градба на акумулација на една мала река, во една мала држава, патем која не е членка на ЕУ, се пријавиле 35 светски компании. Од безбедносни причини, заради државен интерес и други скриени намери на некои странски компании, не се избра најдобриот понудувач. На сите дебати, конференции и советувања се донесува заклучок „Чебрен“ да го градат домашни компании. Со валоризацијата на водата ќе има голема корист домашниот буџет, а водата во езерата Чебрен и Тиквеш ќе бидат на Република Македонија. Оригинален и најприфатлив проект нудеше г. Илија Андонов-Ченто, за кој и јас сметам дека најмногу одговара за нашата земја.

Д-р Милан Илиески