Фото: Маја Јаневска-Илиева

Црвено-жолтите денеска (од 15.30 часот) четврти пат ќе се сретнат со Молдавија, вторпат на неутрален терен, во Анталија (Турција), каде што в понеделник ќе играат и со Црна Гора. Македонија во подготвителниот период треба да одигра и тест-дуел со Хрватска, на 3 јуни, на гости, а од септември почнува новата сезона во Лигата на нации, во која во лигата Ц ќе игра во група со Фарски Острови, Ерменија и со Летонија

ФУДБАЛ

Македонската фудбалска репрезентација денеска (од 15.30 часот) четврти пат ќе се сретне со селекцијата на Молдавија, вторпат на неутрален терен, во Анталија (Турција). Сите три претходни дуели на Македонија со Молдавија завршија со реми (0-0 на гости, 2-2 дома, двете во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2002 година, и 1-1 на неутрален терен, во пријателски натпревар).
По денешниот натпревар, Македонија ќе одигра и уште еден пријателски дуел во Анталија, со репрезентацијата на Црна Гора, в понеделник. Македонија досега 25 пати играла натпревар на неутрален терен.
И со Црна Гора македонската репрезентација досега одигра три меча, сите пријателски, во кои двапати победи (2-1 и 4-1 во Скопје) и еднаш загуби (1-2 во Подгорица). За двата натпревара во Анталија селекторот Благоја Милевски повика 28 фудбалери.
– Натпреварите со Молдавија и со Црна Гора ни се многу важни во подготовките за следните квалификации, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништвото. Фокусот ќе биде на тактичките замисли и како треба да изгледаме во Лигата на нации, а тоа значи игра во која ќе бидеме рационални, паметни, агресивни, компактни и фокусирани – рече Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија.
Македонија во подготвителниот период треба да одигра и тест-дуел со Хрватска, на 3 јуни, на гости, а од септември почнува новата сезона во Лигата на нации, во која Македонија во лигата Ц ќе игра во групата четири, заедно со Фарски Острови, Ерменија и со Летонија. Н.М.