Фото: РФМ

Ваквите натпревари се од голема важност да се види на кого може да се смета во ваков тип тешки натпревари, особено на гостински терен. Се надевам дека за баражот во мај ќе се комплетираме и ќе се подготвиме да одиграме квалитетен бараж-натпревар, оти нѐ очекува сериозен противник за пласман на Светското првенство, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТ – НЕДЕЛА НА ЕХФ

Две победи, три пораза и едно реми е вкупниот резултат на македонската машка сениорска, младинска и кадетска репрезентација, во тест-мечевите во неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), која заврши вчера.
Сениорската репрезентација одигра две тест-средби со Романија на гости во градот Браила и двата ги загуби. Првиот, кој беше од затворен тип со 27-32, а вториот со 24-28. На вториот меч најефикасен во македонските редови беше десниот бек Мартин Серафимов со пет, а по четири погодоци реализираа средниот бек Марко Митев и пикерот Жарко Пешевски.
Црвено-жолтите на овој двомеч не беа комплетни, недостигаа десното крило Ненад Костески, левиот бек Филип Кузмановски, десниот бек Томислав Јагуриновски и левото крило Павле Атанасијевиќ. Натпреварите и за двете репрезентации послужија како подготовка за престојните бараж-мечеви што ги очекуваат за пласман на СП во 2025 година. Македонија ја очекува дуел со Фарски Острови, првиот на 8 мај во Торшавн, а реваншот на 12 мај во Скопје.
– Ја искористивме максимално неделата на ЕХФ да одиграме два пријателски натпревара со Романија на гостински терен, која исто така се подготвува за бараж-натпревар, против Чешка, во мај. Во недостиг од повеќе од половина стандарден тим, од оправдани причини, шанса им дадовме на нови играчи, кои се дебитанти или имаат лимитирана улога во националниот тим во нормална ситуација. Ваквите натпревари се од голема важност да се види на кого може да се смета во ваков тип тешки натпревари, особено на гостински терен. Се надевам дека за баражот во мај ќе се комплетираме и ќе се подготвиме да одиграме квалитетен бараж-натпревар, оти нѐ очекува сериозен противник за пласман на Светското првенство. Задоволен сум од желбата, ангажманот и од односот на овие два натпревара од целиот тим – изјави селекторот Кирил Лазаров.

Кадетската репрезентација на Македонија оствари две победи, и тоа на гостински терен во Подгорица, против соодветната селекција на Црна Гора, со 28-20 и со 32-28. На првиот меч кај избраниците на селекторот Наум Танески, најефикасен беше десното крило Јован Петрески со девет погодоци. На вториот натпревар, пак, прв стрелец беше средниот бек Дамјан Митев со девет гола, а десното крило Мартин Иванов погоди осум пати. Овој двомеч беше дел од подготовките за настап на Европското првенство (ЕП) токму во Црна Гора во август летово, а Македонија е во група со Германија, Франција и со Полска.
Во салата „Автокоманда“ во Скопје, двомеч со соодветната селекција на Хрватска одигра младинската селекција на Македонија, предводена од селекторот Раде Стојановиќ. Првиот меч заврши без победник 28-28. На средбата доминираше левиот бек Димитар Узунчев, кој постигна 13 гола, а средниот бек Славчо Шулески придодаде седум. Во вториот дуел, кој беше од затворен тип, Хрватите беа подобри и славеа со 34-28, повторно блескаше Узунчев, со 11 гола, а пикерот Дејан Михајловиќ реализира уште осум. Овие натпревари беа дел од подготовките за настап на ЕП во јули во Словенија, а македонските надежи се во група со репрезентациите на Австрија, Црна Гора и на Хрватска. Г.И.