Претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж, потсети дека денеска стартува единствениот пазар на труд меѓу Србија, Македонија и Албанија и посочи дека тоа е навистина револуционерна работа за Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
– По толку многу грди работи што ги доживеавме од деведесеттите години на минатиот век, нашите земји и народи почнуваат да соработуваат – изјави Чадеж.
Тој посочи дека за „Отворен Балкан“ е голема работа што граѓаните на Србија ќе можат без проблем да се пријават и да добијат работна дозвола за работа во Албанија и Македонија.
– Тоа е голема работа за економијата, бидејќи сите се соочуваме со недостиг на работна сила, како и со проблеми во нејзината структура – рече Чадеж.
Тој оцени дека на секоја земја и недостасуваат работници во одредена гранка и дека целта е земјите да можат да разменат работна сила.
-По првпат во регионот решивме да бидеме единствени, нагласи Чадеж.
Граѓаните на Србија од денеска можат да го креираат својот идентификациски број (ИД) „Отворен Балкан“ на порталот е-Управа. Тоа е првиот чекор за вклучување на отворениот пазар на труд, каде што, заедно со Србија, се и Македонија и Албанија, со вкупно 11 милиони работници.
После тоа, се пристапува до порталот за е-Управа на земјата каде што барате работа или каде што веќе сте воспоставиле контакт со работодавачот.
Српските медиумите наведуваат дека во оваа земја имааат поголема можност да се вработат занаетчии, квалификуваните работници и информатичарите, за разлика од економисти и правници чиј број на невработени е голем.