Фото: Архива

Ново име се појави на листите за собирање потписи во трката за кандидат за претседател на државата.

– Денес, до Државната изборна комисија е доставена иницијатива за собирање потписи за кандидатура за претседател на Република Северна Македонија од страна на Гоце Ристов. Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на целата територија на државата – велат од ДИК.

Нема информации кој е Гоце Ристов и од каде доаѓа.

Досега седум кандидати успеаа да го обезбедат своето место на изборите за претседател на државата.

ВМРО-ДПМНЕ, официјално, на конгрес ја потврди поддршката за Гордана Силјановска-Давкова, а СДСМ за реизбор на актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски. И двајцата, и покрај загарантираниот влез со 30 пратеници, собраа и над 10.000 граѓански потписи.

Претходно, потребниот број потписи го собраа и Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ, Билјана Ванковска од Левицата и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Рокот за собирање потписи истекува на 8 март на полноќ.