Најголемото име на југословенската панк-сцена, Перо Ловшин, беше во Скопје на промоција на документарниот филм „Ти можеш“, кој го екранизира неговиот професионален музички живот. Промоцијата се одржа во Кинотеката на Македонија, на 22 и 23 февруари, каде што обожавателите и публиката имаа можност во живо да го видат Перо, кој дојде со својата сопруга Дарја. Тој одговараше на прашањата на публиката, а таа можност ја искористив за интервју, кое траеше повеќе од еден час и кое ќе биде објавено во наредниот период. Премногу факти, историја и материјал за да се собере сѐ на едно место.
Проекцијата на музичко-документарниот филм за Петер Ловшин и култната словенечка група „Панкрти“ беше во организација на Словенечкиот центар во Скопје, во соработка со Кинотеката, по повод словенечкиот празник на културата Прешернов ден. Насловен „Перо Ловшин – ти можеш“, филмот е во режија на Јани Север, кој е и автор на сценариото, заедно со Стојан Пелко. Улогите во филмот ги толкуваат: Ловшин, Биг Фут Мама, „Присмојени професори блуза“. Филмот го опфаќа периодот на анархизмот и бунтовноста на 1970-тите години, независноста на Словенија, демонстрациите во центарот на Љубљана, сè до учеството на УЕФА Евро 2000 во Амстердам.
„Панкрти“, формирани во 1977 година, во мала населба во околината на Љубљана, како што се посочува, се најверојатно првиот панкрок-бенд во тогашниот Источен блок, зад Железната завеса. На самиот почеток свиреле преработки од етаблирани панк и рок-групи како: „Секс пистолс“, „Клеш“, „Њујорк долс“. Тие биле дел од сега веќе легендарната компилација „Нови панк вал“. Препознаени по ангажираните социјално-политички текстови и коментари, „Панкрти“ стануваат култен бенд на територијата на некогашна Југославија. Застапени се и во фалениот рок-документарец во продукција на Рајко Грлиќ, „Среќно дете“. Документарецот за Ловшин и „Панкрти“ има освоено награди на Фестивалот на словенечкиот филм во Порторож и на Фестивалот на европскиот и медитерански филм во Пиран, Словенија.
Во филмот гледамe одредени делови од минатото, негови концерти, како создава музика и текст и го вообличува тоа во песни. Ги гледаме емоциите што тој не може да ги скрие кога зборува за одредени периоди. Тука е почетокот на создавањето на љубљанската панк-група „Панкрти“ (копилиња), која не само што беше првата панк-група на просторот на поранешна Југославија туку е и првата панк-група на просторот на земјите што стојат зад Железната завеса. Прекрасните снимки од концертите што се во овој филм се неверојатна документирана историја на еден период. „Панкрти“ издадоа пет албуми: првенецот „Долгцајт“ во 1980 година, вториот албум „Државни љубимци“ во 1982 г., третиот „Рдечи“ во 1984 г., четвртиот „Песми справе“ во 1985 г. и последниот „Секс пок“ во 1987 г. Неверојатно прекрасни албуми што во себе ја носат таа панкрок-енергија, со текстови што удираа во темелите на државата во тој период. Иако ја добија најголемата југословенска награда „Седум секретари на СКОЈ“ за првиот албум „Долгцајт“, нивните песни беа забранувани по радијата, концертите често беа откажувани, а во режимските весници беа омаловажувани како шунд група, но тоа не ги спречи да продолжат по својот пат, достоинствено, со крената глава.
Текстовите што ги пишува Перо самите за себе се уметнички дела, со рими, секвенци, темпа, и секоја од нив навлегува длабоко под кожата, всушност текстовите го одржаа бендот толку долго време. Во филмот е претставен и периодот по распаѓањето на „Панкрти“ во 1987 г. и создавањето на групата „Соколи“, која, според Перо, е најквалитетниот концертен состав на овие простори.
Со нив издадоа три албуми, а вториот албум „Марија, помагај“ е продаден во тираж од над 50.000 примероци, што преставува неверојатна бројка. По распадот на „Соколи“, Перо влегува во самостојни води, издава соло-албуми, кои веќе постепено навлегуваат во мејнстрим рок, или како што вели самиот: „Музички се приближувам кон моите идоли ’Ролинг стоунс’ и Боб Дилан“. Неговиот опус е огромен, вкупно 22 албума, голем број синглови, свирење како предгрупа на „Секс пистолс“ на нивната повратничка турнеја, големи концерти во Словенија пред околу 15.000 приврзаници на неговата музика. Неговиот круг сѐ уште е отворен, сѐ уште има што и кому да му каже и, како што вели, новиот албум ќе биде во звукот на хевиметалот.
Филмот е во режија на Јани Север. Ретки се музичарите од овој период што сѐ уште се на тој рокенрол-пат и што се тркалаат како штотуку да започнале. Ретки се тие што ги имаат енергијата и позитивниот поглед на светот, како што има Перо, иако веќе има 69 години. Ретки се тие што сѐ уште имаат остри, брилијантни, певливи текстови, кои иако се неразбирливи за публиката што не разбира словенечки, сепак допираат до сите, исто како кога бевме млади, слободни и огорчени.
Љупчо Давчев