Фото: Твитер/Профил на британското кралско семејство

Западни медиуми со апокалиптични сценарија за Велика Британија

Велика Британија е на работ на револуција, пишува „Телеграф“, образложувајќи дека односот на младите кон политиката во земјата е „радикално променет“.

Повеќе од половина од младите Британци би сакале да живеат во социјалистички економски систем?!

Британскиот весник „Телеграф“ посочува дека „поддршката на младите за конзервативците е на критично ниско ниво, но дека тоа што младите се разочарани од политичкиот естаблишмент не е шокантна, ниту изненадувачка вест“.
Конзервативната партија, која останува една од двете главни политички партии во Обединетото Кралство; е во опасност од егзистенцијална криза доколку не успее да ја сврти струјата во своја полза.
Но не е загрозена само најстарата и најуспешна политичка партија во земјата. Помеѓу големиот број млади има загрижувачки и сѐ поприсутен скептицизам кон либералната демократија и пазарната економија, наведува „Телеграф“.
Анкетата на „Југов“ покажа дека само 24 отсто од испитаниците на возраст од 25 до 49 години веруваат дека британската демократија успеала да одговори на нивните потреби, а кај оние помлади од 25 години тој број се намалува на само 19 отсто.
Други истражувања покажаа дека повеќе од половина од младите Британци би сакале да живеат во социјалистички економски систем, додека значителен дел од нив вели дека не би имал ништо против да живеат под диктатор.

Економијата – главна причина за радикалните промени на ставовите кај испитаниците

„Телеграф“ посочува дека економијата е главната причина за ваквите промени, а младите веруваат дека просперитетот во кој уживаат нивните родители, баби и дедовци е недостижен.
Сè помалку млади Британци можат да си дозволат да купат имот. Во 1980-тите, на просечно домаќинство во доцните 20-ти му требале околу три години да заштеди доволно пари за аванс. Денес би му биле потребни 19 години.
Имајќи предвид дека младите се соочуваат и со зголемени трошоци за изнајмување станови, повисоки даноци и други финансиски оптоварувања, лесно е да се разбере зошто сметаат дека системот не работи во нивна полза, додава британскиот весник.
„Цел век, а и уште повеќе, на генерации млади им се ветува дека ќе имаат исти или поголеми можности од претходната. Кога тоа ветување не се исполнува, не треба да се чудиме ако резултатот е генерации што ги доведуваат во прашање идеите и институциите што ја направија оваа земја толку успешна. Историјата ни покажува дека опаѓањето на довербата во институциите ризикува да создаде простор за радикални, честопати насилни политички идеологии. Не треба да бидеме задушени во лажно чувство на сигурност од релативната стабилност на британскиот политички и општествен поредок“, додава „Телеграф“.