Ова претставува многу силен резултат во дадениов момент, што, секако, го вбројува како претендент за учество на ЛОИ годинава. А за учесник на ЛОИ ќе се пријави тој што има норма или е влезен во рангирањето на Светската атлетика. Третиот случај е со највреден резултат, со предност за дисциплините 100 м, 800 м, маратон, а за другите ќе треба одлука од технички делегат на натпреварот, вели генералниот секретар на АФМ, Дејан Ангеловски
AТЛЕТИКА – НА МАРАТОНОТ ВО СЕВИЛЈА
Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски на маратонот во шпанскиот град Севилја, на кој настапија повеќе од 250 маратонци од целиот свет, со цел да исполнат норма или да остварат што подобар резултат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава и за Европското првенство (ЕП) во атлетика во Рим (Италија), постави нов македонски рекорд од 2:08,25 часа.
Тоа време е на само неколку секунди до исполнување на олимписката норма за настап на ЛОИ 2024 во Париз, а наедно исполнета норма за настап на континенталното првенство во Италија. Досегашниот македонски рекорд, кој Ивановски го постави на 3 декември лани, во Валенсија, изнесуваше 2:11,53 часа.
– Ивановски на маратонот во Севилја со новиот македонски рекорд исполни норма за настап на ЕП во полумаратон, а нормата за Летните олимписки игри, која изнесува 2:08,10 часа, за жал, само за 16 секунди не ја исполни, а со тоа и да се вброи како прв Македонец со исполнета норма за Летните олимписки игри. Ова претставува многу силен резултат во дадениов момент, што, секако, го вбројува како претендент за учество на ЛОИ годинава. А за учесник на Летните олимписки игри ќе се пријави тој што има норма или е влезен во рангирањето на Светската атлетика. Третиот случај е со највреден резултат, со предност за дисциплините 100 м, 800 м, маратон, а за другите ќе треба одлука од технички делегат на натпреварот – вели генералниот секретар на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) Дејан Ангеловски.
Со постигнатиот резултат, Ивановски сигурно ќе напредува на ранг-листата за учество на Летните олимписки игри во Париз годинава, но настапот уште не е обезбеден.
– Изминатиов викенд и други двајца македонски репрезентативци постигнаа одлични резултати. Така, Дрита Ислами измината сабота во Софија, на 400 метри, истрча 55,88 секунди, што е само 0,4 секунди послабо од нејзиниот минатогодишен македонски рекорд, а потоа во неделата, во Белград, Огнен Стефаноски постави нов рекорд во дисциплината скок со стап со резултат 3,65 метри. И двата настапа беа на тамошните Отворени национални првенства – ни изјави Ангеловски.
На маратонот во Севилја, Дереса Гелета од Етиопија забележа најдобар светски резултат годинава со време 2:03,27 часа и се пласира меѓу првите 20 на вечната листа на машкиот светски маратон, а неговата сонародничка Азмера Гебру победи во трката за атлетичарки, со време 2:22,13 часа, пишува Светската атлетика (СА).
Соборувањето рекорди беше тема на денот, со осум национални рекорди поставени додека спортистите ги бркаа квалификациските времиња за настап на Летните олимписки игри во Париз во август, пишува СА. Вкупно 12 атлетичари имаа време побрзо од 2:08 часа, а 14 атлетичарки имаа резултат побрз од 2:25 часа. Г.И.