Она што возрасните секогаш треба да го знаат и да го применуваат е постојано да се
ангажираат за поддржување и поттикнување на креативноста на децата, со давање
предност на реализирањето на нивните желби, а не на сопствените

Од мој агол: м-р Татјана Гогоска, новинарка, комуниколог и авторка за креативноста кај децата

„Нема дете што не е надарено, поточно што не носи во себе креативност барем за една област“ е појдовната мисла во многу статии напишани токму на темата „Креативноста кај децата“. Едноставно нема дете што „не го бидува за ништо“. Секое дете во себе носи креативен восклик или надареност, која возрасните, оние што се одговорни за неговиот развој, треба да ја препознаат и насочат. Тоа се родителите, односно семејството и наставниците, т.е. образовниот систем.
Тргнувајќи со ваков став можеме да зборуваме многу на оваа тема, но ќе се насочам на најважните делови, а тоа се:
„Влијанието на родителите (семејството) врз развојот на креативноста (талентот) на детето; влијанието на образовниот систем во овој процес; влијанието на воншколските активности каде што децата ги развиваат своите таленти и креативности; самото дете, кога осознава за да знае каде да ги насочи својата креативност и талент.

Родителите се најважни во развојот на детето

Родителите (семејството) се најважната алка во процесот на целокупниот развој и во таа смисла и во креативниот развој. Тие се клетката што е основна и најважна во развојот на детето на неговиот пат кон сопствено осознавање и созревање. Најголемото влијание врз детето во првите години од животот, кога всушност се развива неговиот емотивен живот, кој е основа за развој на креативноста по петтата година, го имаат родителите, пред сѐ мајката, а многу зависи и од условите во кои живее и функционира семејството.
Дали во непосредната игра веќе од двегодишна возраст семејството ќе препознае некој талент кај детето, па ќе почне полека да го поттикнува и поддржува, зависи од најблиските. Некогаш, тогаш појавениот интерес кон, на пример, микрофон, инструмент, боички и хартија или навидум „неважно“ вртење сликовници или играње на првите слушнати звуци, е најчесто основа за препознавање на талентот на детето, кое понатаму треба да се развива. Често родителите, особено овие од ова „модерно време“, ги занемаруваат желбите и навиките на детето, а во подоцнежните години сакаат преку детето да ги реализираат своите нереализирани креативни нагони и тука се појавуваат првиот проблем и првата голема грешка во развојот на креативноста. Некогаш родителите, со своите замисли што треба да прави детето, со што да се занимава или што да развива, ја прават најголемата грешка во креативниот развој на детето. Во периодот на четиригодишна, петгодишна или шестгодишна возраст, семејството треба да му даде можност на детето да почне да се развива и правилно да го насочи во развојот на креативноста. Подоцна во таа нишка на грижа за креативен развој се вклучува и образованието.

Нематеријални награди за поттик

Она на што треба да се обрне внимание во семејството е детето да добива поддршка, но и да биде наградено за секој негов креативен израз, дали во танцот, дали во пеење, свирење, сликање или што и да е. Наградата (која треба да биде во форма на љубов и емпатија никако материјален доказ) секогаш длабоко се врежува во паметењето на децата и тоа знае да биде голем поттик.
Потоа во развојот се вклучува влијанието на образовниот систем, па дури во некои периоди го презема приматот. Социјализацијата, емотивниот развој, образовниот процес, но и воспитанието се точките во мозаикот што поврзани даваат основа за развој на вистинската креативност кај децата. Наставниците, педагозите и психолозите се тие што кај децата треба да ги препознаат талентите и правилно да ги насочат. Еден пример од праксата убаво го објаснува тоа. Во училиштето има хор, каде што наставникот по музичко вели дека сите што ќе одат на хор ќе добијат веднаш петки. И што станува? Сите деца се пријавуваат, без разлика дали сакаат или не, а на сметка на времето што би го потрошиле во некоја креативна активност, која е многу поблиска до нивните таленти. Ова е еден лош пример, но затоа пак има и позитивни примери каде што наставниците го поттикнуваат креативното цртање или пишување и со самото тоа веќе го подготвуваат детето кон креативно себеосознавање.
Влијанието на воншколските активности каде што децата ги развиваат своите таленти и креативности е големо. Овој дел на воншколските активности т.е. неформалното образование им овозможува на децата да си ја пронајдат својата вистинска креативност. Затоа не е проблем кога децата почнуваат да одат на пеење, па потоа одат на глума и да завршат со сликање, да го развиваат тоа и да станат познати сликари, скулптори или архитекти. Често таквата промена се оценува како лоша, но не само што не е лоша туку таа му покажува на детето дека секогаш има избор и дека треба да го искористи тоа. Самото осознавање на детето е важен момент во овој креативен процес. Тоа тогаш веќе знае каде да ги насочи својата креативност, талент и позитивна енергија. Кога детето доаѓа до овој процес? Обично тоа е по 13-та година кога детето веќе емотивно ги содржи во себе сите потребни и позитивни и негативни емоции и затоа може да препознае во својата креативна енергија што сака т.е што не сака, што е добро, а што лошо за него.

Влијанието на надворешните фактори

Во целиот спектар на услови што влијаат на развојот на креативноста, секако важно е влијанието на медиумите, интернетот, филмовите, музиката, непосредното опкружување и дружењата со врсниците. Голем поттик за развој на креативноста има и создавањето т.н. „идоли“, желба за идентификација со успешни возрасни, тежнеење кон остварување на замислените соништа и желби.
Она што возрасните секогаш треба да го знаат и да го применуваат е постојано да се ангажираат за поддржување и поттикнување на креативноста на децата, со давање предност на желбите на децата, а не на сопствените.
Поттикнувајте го детето во развојот на својата креативност и бидете сигурни дека никогаш нема да погрешите, дали како родител, наставник или ментор.
А децата? Тие секогаш знаат што сакаат кога емотивно ќе созреат, но се случува кај повеќето во збунетоста на својот емотивен, физички и социјален развој да ја погрешат на момент насоката, па затоа возрасните се тука да им помогнат да се движат по вистинскиот негов пат.
И за крај би завршила со констатацијата дека развојот на креативноста е основа за едно дете порасне во емотивно зрела, животно креативна и стабилна личност, корисна пред сѐ за себе, а потоа и за целото општество.