Зошто ДУИ/СДСМ не соберат храброст и не ги заштитат интересите на своите граѓани, кои самите со својата неспособност ги донесеа во ваква понижувачка состојба? Зошто од ветувања за отворена ЕУ, преку Отворен Балкан, нѐ донесоа до затворена Македонија? Многу едноставно, бидејќи нивната бесрамна понизност пред Грција и Западот, кои тие ги нарекуваат „Европски сили“, е единствената мантра што им остана. СДСМ попрво ќе ги оштети своите граѓани отколку да дигне глас за решавање проблем креиран од нивната неспособност. А проблемот не е геополитички, туку секојдневен
За состојбата со патните исправи, пред еден месец во „Нема пилот во авионот“ напишав дека е резултат на спиралата на неспособност; безочно крадење, криминал и корупција и на отсуството на водство и легитимност. По еден месец и пристигнување на 12 февруари 2024 година, денот кога истече рокот за замена на пасошите, личните карти и возачките дозволи, очајноста на состојбата стана појасна и повидлива и сѐ станува комплетно фијаско за власта на ДУИ/СДСМ. Зошто? Состојбата со личните документи што треба да се променат поради Преспанскиот договор има технички и политички аспекти.
Од технички аспект, власта на ДУИ/СДСМ презела одговорност дека ќе смени пасоши на два и пол милиони граѓани и соодветен број лични карти и возачки дозволи. За тоа имала рок од пет години! Половина од тој период односно до јуни 2021 година не се менувани личните документи, не се издавани документи со „Северна Македонија“, туку со „Македонија“. Оправдувањето на ДУИ/СДСМ, според Димитар Ковачевски, досегашен премиер, е дека земјата била во кризна состојба со пандемијата на коронавирусот и, секако, поради опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која настапувала против. Секако, вината не е во ДУИ/СДСМ, кои преку својот портпарол ги убедува граѓаните дека пасошите ќе се менуваат со истекот на рокот на важност. И Петре Шилегов наоѓа вина во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која наводно го блокирала носењето на законите за личните документи. И да е така, а не е така, бидејќи законите го блокираше владината Алијанса за Албанците, сепак остануваат повеќе од две години за промена на личните документи. За одредениот период власта на ДУИ/СДСМ им издала пасоши на околу 1,2 милион државјани или половина од вкупниот можен број на државјани и со тоа пасоши. За возачките дозволи немаше ни да се знае ако Панче Тошковски, министер за внатрешни работи во техничката влада, не предупредеше на денови пред истекот на рокот за промена. Тоа сугерира дека овој процес е во почетна фаза. За личните карти не се донесе законот и овој рок не важи, што ќе нѐ води во политичките аспекти.
Неспособноста во техничките аспекти ја разоткри министерот Панче Тошковски. За помалку од две недели повеќекратно го зголеми капацитетот за фотографирање во Скопје, каде што состојбата е најкритична. На пример во Кисела Вода, од четири станици во една смена, сега работат 14 станици во две смени или капацитетот е зголемен за седум пати. Прочистен е и списокот на чекање за повеќе од 30.000 лица и започна презакажување на граѓани во порани термини. Министерот Панче Тошковски предочи дека проблем е лошото планирање на обрасците за пасошите и дека дури на крајот на февруари ќе пристигнат 200.000 обрасци, а во моментот има обрасци само за итни случаи. Министерот Панче Тошковски предупреди и на проблемот со возачките дозволи, за што јавноста не ни беше свесна. За забошотување на проблемот, портпаролите и пратениците на СДСМ го обвинија министерот Панче Тошковски за предизвикување хаос и популизам со ветувањето брзи решенија. А проблемот со возачките дозволи се реши брзо, со законски измени на рокот и негово продолжување до крајот на годината.
И ова продолжување за возачките дозволи нѐ води до политичкиот дел. Уште додека беше премиер Димитар Ковачевски, објаснувајќи зошто пасошите мора да се променат, а личните карти не мора, навлезе во лаги за надворешна и внатрешна употреба, како пасошите се за надворешна, а личните карти за внатрешна употреба. Комплетна лага, бидејќи и пасошите и личните карти и возачките дозволи влегоа во истата категорија за промена за пет години, затоа што сите три документи се и за надворешна употреба. Пред еден месец напишав дека сите три документи, пасошите, личните карти и возачките дозволи, се валидни сѐ додека документите имаат рок на важност. Повозрасните се сеќаваат дека пасошите на СФРЈ се употребуваа и по независноста на Македонија, дури и по службениот крај на СФРЈ во 1992 година. Така и сегашните документи се валидни до нивниот рок на важност. Зошто, тогаш, се лаже? Зошто ДУИ/СДСМ не соберат храброст и не ги заштитат интересите на своите граѓани, кои самите со својата неспособност ги донесеа во ваква понижувачка состојба? Зошто од ветувања за отворена ЕУ, преку Отворен Балкан, нѐ донесоа до затворена Македонија? Многу едноставно, бидејќи нивната бесрамна понизност пред Грција и Западот, кои тие ги нарекуваат „Европски сили“, е единствената мантра што им остана. СДСМ попрво ќе ги оштети своите граѓани отколку да дигне глас за решавање проблем креиран од нивната неспособност. А проблемот не е геополитички, туку секојдневен.
Тврдењето дека личните документи важат сѐ додека имаат рок на важност веќе се потврдува во пост 12 февруари практика. МНР на Македонија не може да ги отповика, а може да ги отповика само органот што ги издал, МВР. Уште помалку Грција може да ги отповика. Грција може да информира, а секоја земја посебно да одлучи дали ќе прифати. За потсетување, до Преспанскиот договор само Грција не го признаваше пасошот на Македонија, но ни тоа не беше пречка за патување со употребата на листовите за преминување граница. Грција може да прави проблем само на сопствената граница, секако и на сопствена штета.
ДУИ/СДСМ да соберат храброст и да прифатат продолжување на рокот за промена на пасошите. А Бујар Османи веднаш да комуницира со Грција за да ја објасни состојбата и, секако, да побара објаснување зошто Грција не пропушта возила со сообраќајни дозволи со РМ, кога тие не се дел од Преспанскиот договор и со тоа го крши Преспанскиот договор.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek