КАРАТЕ – ДЕНЕСКА НА ЕП ВО ТБИЛИСИ
Македонската карате-репрезентација од вторникот веќе е во Тбилиси (Грузија), каде што од вчера до недела се одржува Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 год.) во дисциплините борби и кати. Вчера први на татамите требаше да се појават натпреварувачите во кадетска конкуренција во борби и кати, а денеска ќе стартуваат постарите јуниори (до 21 год.), додека борбите за медали се утре, кога и завршува ЕП. На последното ЕП, одржано минатата година во кипарскиот град Ларнака (1.136 каратисти од 41 држава), голем успех во дисциплината борби постигнаа Витомир Трајковски (до 84 кг) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг), кои освоија бронзени медали.
– Карате-репрезентацијата на Македонија во кати и во борби е подготвена за новите предизвици што ја очекуваат викендов во Тбилиси. За наша среќа, немаме повредени натпреварувачи. Условите во хотелот во кој сме сместени се многу добри, веќе одработивме и неколку тренинзи на тактички и психолошки план. Како селектор на јуниорите до 21 година, убеден сум дека ќе го дадеме максимумот, а со тоа и ќе продолжиме со традицијата на освојување медали во оваа категорија. Нема да потенцирам кој е најдобар или од кого очекувам да се покаже во најдобро светло, но убеден сум дека во секоја категорија ќе биде даден максимумот, бидејќи многумина од репрезентативците имаат големо натпреварувачко искуство – вели селекторот на постарите јуниори до 21 година, Арлинд Хусеини.
Боите на Македонија во оваа конкуренција ќе ги бранат: Гента Села (до 50 кг), Рудина Алиу (до 55 кг), Јована Мицовска (до 61 кг), Ера Коџа (до 68 кг), Ердона Зибери (до 68 кг), Недим Шаќири (до 60 кг), Или Билали (до 67 кг), Љупче Михајлов (до 75 кг), Витомир Трајковски (до 84 кг), Стефан Стојановиќ (над 84 кг).
Конкуренцијата во Тбилиси е исклучително силна, а официјално се пријавени 1.160 натпреварувачи од 49 држави, во сите конкуренции. Г.И.