Протестите на европските земјоделци добиваат на масовност и сила
Селаните од силните земјоделски региони како Тоскана тргнаа на југ кон главниот град, носејќи го италијанското знаме и рачно напишани знаци што предупредуваат дека „без селани нема храна“. Тие планираат да се соберат на периферијата на Рим, пред понатамошните протести планирани за подоцна во текот на неделата.
– Отидовме во Рим за да се соочиме со политичарите за нашите проблеми и да ги решиме – рече тосканскиот фармер Давиде Росати.
Италијанските земјоделци споделуваат многу од болките на нивните колеги што протестираат во другите делови на Европа, кои тие ги изразија за време на бранот протести во изминатите неколку недели. Тие се жалат дека нивното производство е поткопано од поевтиниот увоз од области надвор од Европската Унија, како што е Северна Африка, зголемените цени на горивата и последиците од мерките на ЕУ насочени кон заштита на животната средина и борба против климатските промени.
Протестите во Франција и во Германија како да се замолчени, но се отвораат нови жаришта во другите делови на Европската Унија. Гневните селани повторно го блокираа холандско-белгискиот граничен премин меѓу Мастрихт и Лиеж во понеделникот.
Одамна незабележано: Протест со крава на улиците на Милано
Во Милано, финансиската престолнина на Италија, мала група селани зедоа крава со себе на протестот пред канцелариите на регионалната влада на Ломбардија, создавајќи необична сцена во дел од градот во кој доминираат модерни високи згради. Италијанските земјоделци исто така бараат враќање на мерката за олеснување на данокот на доход, воведена во 2017 година, која владата ја отфрли од законот за буџет од 2024 година.
За време на посетата на Јапонија во понеделникот, премиерката Џорџа Мелони рече дека Италија направила повеќе за да ги поддржи своите земјоделци отколку некои од нејзините соседи во Европската Унија.
– Се разбира, секогаш има простор за подобрување и секогаш сум подготвена да ги слушам барањата на нашите клучни работници – рече таа.
Мелони истакна дека нејзината влада ги задржала субвенциите за гориво за земјоделците и ги зголемила средствата доделени за земјоделството во планот за закрепнување по ковид-19 од пет на осум милијарди евра.
Протестите на фармерите во Италија ги водат голем број поединечни групи, а не главното италијанско земјоделско лоби „Колдирети“, кое има блиски врски со владата.