Настани, симболи, алузии
Али сонува соништа што ги остварува, Али пее песни што го воспеваат, Али пуши кај што никој не смее да пуши, Али слави родендени во државни сали. Али на телевизија, на фотографии како ороводец, одвреме-навреме војсководец. Нема ден некој да не го спомне Али.
Кој е тој Али?
Али е персонификација на кан, на султан, на цар, на крал, на шеик, на пророк, на политички ајатолах. Иако не е на тронот, нема извршна државна функција – нему му се клањаат по ред и без ред. Не по протокол, туку по принципот кој прв ќе стигне пред него, коленичат – претседателот на државата, претседателот на Владата, на Собранието, министрите, советниците и државните секретари. Му се клањаат обвинители, судии, кадии, професори, доктори. И имами и оџи, меѓу другите. Му бацуваат рака, „му мијат нозе“ заменик-министри, директори, му пишуваат молитвени писма безнадежници, му изразуваат благодарност оние што нашле работа или се снашле по негова заслуга.
Навистина, кој е тој Али што изгради своевиден култ на личноста на политичката сцена во Републиката? Како во „едно општество за сите“ тој стана прв и последен кому му се слуша зборот? Али мести – Али разместува, што на земјата, што на небото. Полно е со кадри тефтерчето на Али. Едни на листата за дострел, други за отстрел. Партизира, бирократизира, балансира, жонглира во политичкиот циркус.
Кој е Али што некои му лепат дека во младоста бил соработник на југословенските тајни служби, а денес е највлијателен политичар во Република Северна Македонија, ново име на државата делумно и негова заслуга?
Кој е Али кого го спомнуваат во афера за земено мито од „Маѓар телеком“ во висина од 7,5 милиони евра, поделени со неколкумина партнери, а влакно не му фали од посребрената коса?
Кој е Али што е дваесет години дел од власта, а во жешкото време кога беа објавувани десетици илјади прислушувани телефонски броеви и разговори неговиот глас никаде го немаше? Глупаво е да се претпостави дека тајната полиција го немала неговиот број, дека во тој период страдал од немост или дека бил толку видовит што неколку години збор не прозборел на својот телефон, никој да не разбере што мисли и што зборува.
Еден е Али Ахмети претседателот на политичката партија ДУИ, чие официјално седишта е во населбата Речица во Тетово, иако на тацна му е цела Западна Македонија, која е дел од Северна Република Македонија. И дваесет години пратеник во македонското народно собрание, шампион во отсуства и во молчење во собраниските клупи. Тој е феноменот на целиот собраниски систем во државата – ем физички отсутен ем духовно и политички неизоставно присутен. Неговиот дух лебди во Собранието 24 часа, дење-ноќе, нонстоп. Тој дух сега се смести и во Владата, а лебди и над Македонија.
Минаа 23 години кога кон крајот на јануари 2001 година за првпат се слушна името на Али Ахмети, воен командант на Националната ослободителна армија (ОНА). Тогаш се јави од зафрленото тетовско планинско село Шипковица, претставен со фотографија на која чита книга. Насловот на книгата не можеше да се прочита, но затоа на униформата мошне видливи беа белезите на дотогаш илегалната воена формација ОНА – УЧК.
Оттогаш до денес Али Ахмети, политички и статистички, е најдолготрајниот и најпродуктивен политичар во Македонија. Сите досегашни функционери ги однесе виорот, само Али одолева на бури и непогоди. Оттогаш до денес голем број поданици, полтрони и клонови од него создадоа култ на личност каква што во Македонија не е видена од времето на Тито и Лазо.
Појавата на култот на личноста е стара колку што е стара и човечката раса, но самиот термин „култ на личноста“ е од понов датум. Синтагмата „култ на личноста“ прв ја употреби Никита Хрушчов, генерален секретар на Советската комунистичка партија, во педесеттите години од 20 век. Со тој термин Хрушчов го означи периодот на владеење на Јосиф Сталин, осудувајќи ги неговите чистки, прогони и злосторства направени во име на народот и партијата. Освен Сталин, минатото има запишано редица примери на владеење на култот на личноста што биле именувани со поинакви поими – диктатори, тирани, самовладетели, сатрапи, душеубијци.
Историски гледано, култот на личноста најчесто се создава во услови кога некој народ е паднат во очај и живее без надеж, кога национално или економски пропаѓа, кога општеството и владејачките елити не може да најдат решение за надминување на натрупани тековни и други проблеми. Теоретичарите велат дека тогаш на политичкиот хоризонт се појавува харизматичен водач што ветува (и во извесна мера донесува) одредени мерки за национална преродба, за ослободување од минатото и напредок во иднината. Ако во тие периоди општествената елита е слаба, ако е конформистичка, со свиткан ’рбет и кукавичка, се отвора место за „месијата“. Се јавува спасителот Ахмети, таков третман има Али кај голем број Албанци во Македонија.
Али меѓу своите го изградил култот на непогрешлив водач. Иако таквата опсесивна предаденост и лојалност се карактеристика на заробените партии, на тоталитарните режими, на личности што сакаат да владеат апсолутистички, без опозиција и без демократија, тоа како да не му пречи никому. На разни начини ДУИ ги заплашува луѓето, а за да ги спроведе своите планови, бара апсолутна поддршка од следбениците и својот народ. Али и другарите се умешни мајстори стравот на масите да го претворат во силна, макар и принудна, поддршка. ДУИ е олицетворение на тоа мајсторство и на таквата способност.
Во општества каде што владее култот на личноста, водачот добива атрибути на најспособен, најумен, најитар, најхрабар, најчесен, најправичен меѓу сите други. Поданиците му се покорни до крајни граници, иако им е нарушено човековото, граѓанското, професионалното и личното достоинство. Некритички се величат неговите изјави, дури и оние најбесмислените, од типот „магарето не лета, ама благодарение на нашите напори наскоро ќе лета“ и слично. Секој негов говор, секое негово решение се прогласува за историско и визионерско, секоја изјава за најточна, секоја негова постапка најмудра, најтактична, најплодотворна, најефектна. Тој нема мани, а ако некој му ги припишува, тоа се неговите „клети душмани“. Али Ахмети и ДУИ се типичен пример за горенаведените состојби.
Овенчан со култот на личноста, со непогрешливоста и застрашувачкиот арсенал, Али со разни манипулации, со поткупување на осиромашеното население, со контрола над сите финансиски текови на земјата, со контрола врз војската, полицијата и тајните служби, врз дел од мафијата, како и врз медиуми, купува и одржува власт за себе и за олигархијата со која е опкружен. Покрај „големиот водач“ празнината ја пополнуваат дресирани, клонирани подлизурковци од мал калибар, но со разорна моќ да уништуваат животи на противници, вклучувајќи ги и своите најблиски соработници или роднини.
Таквата поставеност кога-тогаш доведува до сурови пресметки со конкуренцијата, се намалува или укинува слободата на говорот, се врши терор над неистомислениците, замира или умира демократијата. Во описот на култот на личноста и периодот на таквото владеење се наведуваат: злоупотреби на власта, репресии и ликвидации на политичките противници, партиски чистки, масовни санкции кон „непријателите на народот“.
На крајот да се потсетиме дека низ историјата имало цареви, кралеви, имало водачи, обожавани од својот народ, а истиот народ подоцна платил висока цена за својата заблуда. А не мала цена платиле, често и со глава, и оние што мислеле дека му се доближиле на Бога. Оние Албанци што не се од ДУИ, оние што веќе им го зеле стравот на партијата и на лидерот, а не се малку. Има икс-знаци дека тргнале во поход да им ја симнат круната.