Да го воскреснеме злото на комунизмот во името на страдањето на „жртвите“ на лустрацијата

Македонија не е исклучок – напротив, Македонија е пример како посткомунистичките држави претпочитаат политика на наметната амнезија отколку политика на сеќавање. Очигледно, одговорните за злосторствата и злоупотребите во минатиот режим имаа корист од општа премолчена, де факто, амнестија, која беше резултат на пактот за молчење склучен меѓу политичарите и граѓаните. Македонија се обиде, но не успеа морално да го прочисти општеството од комунистичкиот шљам на минатиот режим, токму поради длабокиот политички упад, трансформирајќи ја политиката на меморија во политика на заборав

Велат дека денес меморијата е клучен збор во историските студии. Научниците генерално се согласуваат дека повторното откривање на меморијата од страна на историчарите – дел на „културниот пресврт“ во историографијата – одразува важна епистемолошка промена и значајна модификација во односот помеѓу минатото и сегашност. Сè поголемата грижа за меморијата ја изразува потребата да ги потврдите врските со светот што беше во минатото. Меморијата како имагинарен топос, имун на процесите на промена, обезбедува терапевтско чувство на континуитет и идентитет, преку повторно поврзување со нашето минатото. Парадоксално, прашањето за заборавот беше мошне игнорирано во дебатите за меморијата за подолг временски период. Уметноста на заборавањето стана омилена тема на политиката, особено по падот на комунизмот.

Македонија не е исклучок – напротив, Македонија е пример како посткомунистичките држави претпочитаат политика на наметната амнезија отколку политика на сеќавање. Очигледно, одговорните за злосторствата и злоупотребите во минатиот режим имаа корист од општа премолчена, де факто, амнестија, која беше резултат на пактот за молчење склучен меѓу политичарите и граѓаните. Македонија се обиде, но не успеа морално да го прочисти општеството од комунистичкиот шљам на минатиот режим, токму поради длабокиот политички упад, трансформирајќи ја политиката на меморија во политика на заборав.

Зошто? Нормално, тука е чувството на носталгија. Ако некој има дилема за ова нека погледне на социјалните мрежи колку е силна носталгијата по некогашната држава и режим. Нема датум од историјата на една крваво распадната држава да не се прославува на социјалните мрежи, како и да се величаат ликот и делото на возљубениот и непрежален лидер – Тито. Понатаму, тука е чувството на срам, кое не постои во независна Македонија. Не гледам дека кодошите се засрамени. Напротив, горди се на она што го правеле. Исто така, отсуство на чувството на срам, следено е со отсуство на чувството на вина. Нашиот кукавичлук дозволи да го амнестираме човечкиот отпад на „империјата на злото“, премолчено дозволувајќи го континуитет на злото што го генерира. Така дозволивме неформалните комунистички мрежи да опстанат недопрени во независна Македонија, давајќи му ретроспективен легитимитет на комунизмот. Зарем може да се очекува дека оваа трансформирана политичка елита на поранешниот режим е заинтересирана за компромитирачки откритија за нејзиното блиско минато? Сигурно не.

Политиката на заборавот јавно е поддржана со импресивен приказ на аргументи, искажани од политичари од двете страни на политичката сцена во времето кога се сатанизираше процесот на декомунизација и лустрација. Секако, безрезервно поддржани од невладиниот сектор и медиумите. Кога би ги сумирал сите овие аргументи по толку години, се движат од тоа дека откривањето на блиското минато нема да доведе до помирување туку до општествени турбуленции, со што ќе биде нарушено моралното здравјето на заедницата, кое како последица ќе води кон параноја и анксиозност. Исто така, противници на меморијата сметаа дека соочувањето со минатото нема да биде објективно поради блискоста на настаните, нивното политичко инструментализирање, дека интересот за минатото е застарен и ја капитализира важноста на иднината, како и дека критериумите за утврдување на вистината кој бил одговорен за комунистичките зло, според стара сугестија на Вацлав Хавел, невозможно е да се дознае бидејќи линијата на одговорност го проникнува секој од нас, наместо да раздвојува меѓу „ние“ и „тие“. Обидот да се наметне тезата за колективна одговорност – сите сме виновни за комунистичкото минато – рецидив е токму на комунистичкото минато, проширувајќи го со тезата дека процесот на лустрација е лов на вештерки што може да предизвика социјална хистерија. Па така, христијанското учење да се простува и дека секој заслужува втора шанса, лицемерно се поигра со меморијата на овој народ, нудејќи му државно спонзорирано сеќавање.
Македонија не успева да се соочи со своето минато. Генерално го претпочита заборавот, потиснување или пренасочување на незгодното засрамувачко сеќавање. Лицемерно ги натера луѓето да се помират со минатото – успеа да го преслика злото на комунизмот во македонското трансформирано општество и да го амнестира.

Прашањето на меморијата во македонската историја не е некаква крстоносна војна, начин на докажување на морална чистота на комунистичкиот режим и напад на оние за кои сметаме дека се извалкани од соработка со тајната полиција на тој режим. Нема потреба за тоа. Прашањето на меморијата е морална обврска да не ги заборавиме жртвите на комунизмот, како и најдобар начин да се спречи повторното појавување на злото преку соочување со сиот негов ужас. За малку ќе заборавев: дајте веќе еднаш да ги обесштетиме жртвите на лустрацијата, како што предлагаше несудениот нобеловец. Доста луѓето патеа од нивниот кодошлак. Да го воскреснеме злото во името на нивното страдање.