Доаѓа ли времето на камшикарот?

Очигледно е дека сепак некој со широко отворени очи и уши ги гледа и ги слуша нашиве патрдии. Колку и да се правиме дека тоа е само внатрешна работа, очигледно не е така. Наша внатрешна работа е да се обидеме да ги решиме сите овие проблеми според словото на законот и никако поинаку. Секое забошотување, потпикнување под тепих, никако нема да ги реши проблемите. Ако сакаме да бидеме сериозна држава, мораме крајно сериозно и одговорно да им пријдеме и да ги решиме како што е пропишано

Навистина бурно започна и оваа година. Колку да не ни е здодевно, ако воопшто некогаш и ни било здодевно. Скандали и афери се редат од ден на ден, веќе човек не стигнува ниту да ги регистрира сите, а камоли да се замисли малку над нив, да види што се случува, има ли некаква заднина или, пак, се случува нешто многу покрупно, па ова е само дел од поголема игранка…
За почеток, многу е поучна целата ситуација околу М-НАВ. Еден од најголемите скандали кај нас во последно време, кој одлично им дојде на некои структури во земјава за да ги покрие и да ги однесе во заборав неколкуте крупни корупциски, но и некои други случаи. Едноставно, заборавивме да зборуваме, да ги коментираме, па дури и срамежливо да бараме санкции за ликовите, кои колку до вчера ни го исполнуваа медиумскиот простор со очигледните злоупотреби и скандали.
Е, токму скандалот со М-НАВ е класичен пример за уште едно извртување на тезите и заташкување на проблемот. Сите многу добро се сеќаваме како започна – осуммина влегоа во една од најдобро обезбедуваните згради во државава, впрочем во целиот свет овие објекти се под посебни безбедносни мерки, и по куса расправија физички нападнаа тројца вработени, кои во тој момент беа на смена. Значи се грижеа за безбедноста на небото над Македонија, каде што во тој момент имало неколку десетини авиони чија судбина била во рацете на македонската контрола на летање. Таквата ситуација е регистрирана и од полицискиот извештај што се појави ден по инцидентот.
Но кога стана јасно дека целата работа не може да мине без последици, особено поради меѓународната замешателност кога станува збор за безбедноста на воздушниот простор, некои домашни ликови решија малку да ја подисправат сликата што првобитно беше пласирана во јавноста. Најнапред се тргна од тоа дека немало физички напад, туку само куса расправија, безмалку маалска караница, оти, нели, едниот од нападнатите и едниот напаѓач „се знаеле одамна“. Потоа се тргна во изместување на локацијата, па нападот не бил во салата за контрола на лет, туку во соседната. Следуваше нов момент дека, замислете, едниот од нападнатите пробал да избега од Македонија, ама нашата полиција го сопрела на граница. Штом е така, мора да има нешто матно, би рекол народот што нема доволно информации за целиот случај, на задоволство на спин-мајсторите, кои успеваат да ги изедначат во вината напаѓачите и нападнатите. Но ни тоа не е доволно, следува нов момент – главниот синдикалец, кој практично го отвори проблемот, бил дел од семејство што целосно било вработено во оваа исклучително добро платена институција.

Значи, народе, не гледај што се случило и каков скандал се случил со упадот и физичкиот напад врз луѓето, кои треба да се максимално заштитени, туку види што ти кажува власта. А во брзање да го „реши“ проблемот, иако најави и други одлуки, власта реши само да смени двајца директори, па на брзина им најде замена. Но во брзањето пропушти да ги провери правилниците, па постави несоодветен кандидат за директор. По интервенција на медиумите, набрзина се поправи грешката, но и оваа нова брука само се налепи на претходните.
И додека некои луѓе во земјава мислат дека тоа што се прави кај нас никој не го гледа и дека таквото кабадахиско однесување може да тече до бесвест, веќе стигна првата јавна опомена. Првата во новата година, се разбира. Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, кој и лани знаеше да испорача поучни приказни за македонските носители на јавни функции, кои се прават дека не го слушаат, се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Притоа, амбасадорот ја пренесе пораката дека по континуираниот двегодишен пад на владеењето на правото, посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар. Според холандскиот амбасадор, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија.

Речиси истовремено, и евроамбасадорот Дејвид Гир, по последните случувања во М-НАВ, испрати сериозна порака – при назначувањата во јавните институции, важно е тие да се прават врз основа на заслуга, тоа значи – квалификација, вештини, искуство, а не врз основа на припадност на партија или некои лични врски. За различните тврдења во поглед на надворешните политички влијанија ги повикуваме властите да ги истражат и да дејствуваат во однос на резултатите од тие истраги, порача Гир.
Очигледно е дека сепак некој со широко отворени очи и уши ги гледа и ги слуша нашиве патрдии. Колку и да се правиме дека тоа е само внатрешна работа, очигледно не е така. Наша внатрешна работа е да се обидеме да ги решиме сите овие проблеми според словото на законот и никако поинаку. Секое забошотување, потпикнување под тепих, никако нема да ги реши проблемите. Ако сакаме да бидеме сериозна држава, мораме крајно сериозно и одговорно да им пријдеме и да ги решиме како што е пропишано. Секое друго решение, секоја нова следна „итарпејовштина“ само ќе предизвикува потсмев кај народот и ќе расте гневот, кој тешко дека ќе успеат да го покријат со некакви ПР-мајстории или фабрикувани приказни.