Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска официјално побара од дневниот ред на самитот на лидерите на Европската Унија да се отстрани главната тема: прашањето за почеток на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ – што е прва тема на дневен ред таа средба, и финансирањето на Киев со милијарди евра во борбата против руската инвазија.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ќе претседава со самитот во Брисел од 14 до 15 декември, Орбан инсистира дека најпрво е потребна „стратешка дискусија“ за европската иднина на Украина и предупреди дека „форсирањето на одлуката може да го уништи единството на ЕУ“.
Одлуките за проширувањето на ЕУ и ревизијата на нејзиниот долгорочен буџет, кој вклучува 50 милијарди евра помош за Киев, можат да бидат донесени само едногласно од сите 27 земји-членки на Унијата.
– Со почит ве повикувам да не го повикувате Европскиот совет да донесе одлука за овие прашања во декември, бидејќи очигледниот недостиг на консензус неизбежно ќе доведе до неуспех – напиша Орбан.
Тој не кажа отворено дека Унгарија ќе стави вето на какви било чекори за отворање на преговорите за прием на Украина, но заканата беше имплицитна.
Канцеларијата на Мишел одби да го коментира писмото на Орбан.