Став
Македонија е унитарна држава, така и ќе остане. Обидите се многубројни за нејзино рекомпонирање или анулирање. Територијалните аспирации и сецесионистичките намери се присутни и има сили што ги негуваат и реинкарнираат. И, секако, ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро организирано.
Симнувањето на знамето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија од јарболот во дворот на манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка и поставувањето знаме на Република Албанија на негово место не е изолиран инцидент, туку резултат на охрабрувањето по оркестрираната агресија од Африм Гаши од Алтернатива, Изет Меџити од Демократското движење, Биљал Касами од Беса и Али Ахмети од ДУИ, со барање за отстранување на крстот од црковното земјиште во дворот на манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка, за што не постои законска обврска за одобрение за поставување, а во намерата за тивко етничко чистење на македонскиот народ од истите сили што ја водеа војната во 2001 година и создаваа етнички чисти територии во борбата за „ослободување на албанските земји од славомакедонските окупатори“!
Историјата памети злосторства помеѓу македонскиот и албанскиот народ на просторите на Балканот од времето на Отоманската Империја и Темниот вилает на Високата Порта наспроти Австро-Унгарија. Но, меѓу Македонците и Албанците има и голем број братства и пријателства. Историски помирувања меѓу спротиставени поединци, групи, народи и држави имало, доколку не се превенираат, можно е пак да генерираат. Се разбира, превенцијата не се врши со амнезија на тоа што било. Мора да знаеме што било, за било, не се повторило. Прашањето е кому му одговараат постојаната рециклажа и реинкарнација на теми заборавени или осудени како декадентни процеси од Втората светска војна, а таму се и балистите и таканаречената „голема Албанија“.
За потсетување, на 18 јуни 2017 година во присуство на највисоките претставници на Исламската верска заедница, предводени од реисот Сулејман ефенди Реџепи и тетовскиот муфтија Ќани Несими, на Попова Шапка беше поставен камен-темелник на џамија на три ката со придружни објекти и големо и високо минаре без дозвола за градба на државно земјиште. И покрај решението за запирање на градежните работи од општинскиот градежен инспекторат, Тетовското муфтиство продолжи со изградбата на џамијата, дивоградбата до денес не е регуларна. Денес тетовскиот муфтија Ќани Несими се заканува: „Тргнете го крстот за да нема тензии“!
Да се потсетиме на изјавата на реис ул улема Сулејман ефенди Реџепи, поглавар на Исламската верска заедница, од 30 ноември 2012 година за порталот „Журнал“: „Обединувањето на албанските земји е божја волја, и затоа ние имаме обврска да ги вратиме така како што биле порано. Обединување на силите на албанскиот народ на сите нивоа ќе стане реалност, а Албанија ќе има единствена граница, таа која ја создал Бог. ИВЗ со сите свои капацитети е подготвена да придонесе за националната кауза и да одговори на секој вид повик во насока на обединување на сите Албанци. Јас сум многу загрижен за положбата на Албанците, бидејќи не може да се замисли луѓето да живеат во пет држави. Неприфатливо е вие да живеете овде, таткото да живее во матичната земја, a браќата да живеат надвор oд границите“.
Најверојатно картите на „голема Албанија“ по училиштата во кои наставен е албанскиот јазик е тивок отпор против воведувањето на задолжителното пеење на националната химна! Народот веќе виде сè! Некои луѓе може да се лажат некое време, ама сите луѓе не може да се лажат цело време. Ги видовме и бојкотот на пописите, и фалсификатот на последниот попис, и театарските претстави со масовни труења само на учениците Албанци во западниот дел на Македонија, тепачките меѓу учениците по автобусите, нападите врз Македонци по улици и пазари, ја видовме и војната во 2001 година!
Свесни сме дека војната во 2001 година не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту меѓу православните и муслиманите, туку симулирана војна на САД за имплементација на определени глобални интереси за свои сфери на влијание на овие простори. Беа и Русите и Кинезите, сега се Американците, сите ќе си одат… Ние треба да продолжиме да живееме сите заедно!
Нам не ни преостанува ништо друго освен апелот за воздржаност: Животите и имотите се неприкосновени и неповредливи, а државата Македонија е должна да ги заштити редот и поредокот на целата своја територија!
Неразбирлив е поривот кај поединци што поткрева омраза и желба за одмазда, иако Артан Груби често знае да изјави дека „Албанците се господари во Македонија“, „Со Македонија владее ОВК!“
Јавно прашуваме зошто има потреба од декадентни сили во општеството што стимулираат системска омраза кај Албанците муслимани против Македонците православни, иако токму ДУИ неколкупати тврдеше дека во Македонија има 300.000 Албанци православни асимилирани во Македонци и за нив побара албанска православна црква. Зошто реинкарнација на балистите, кои во Втората светска војна беа со фашистите и нацистите, а против македонските и албанските партизани, дури и против Американците?
Повикуваме на ред и поредок и еднаквост на сите пред Уставот и законите, бараме крај на башибозукот во државата! Нужна е општествена мобилизација против политиките што создаваат системска демонтажа на унитарноста на државата и апартхејд на малцинството врз мнозинството! Неопходна е потребата од системски ремонт на државата Македонија против сите декадентни процеси поразени во Втората светска војна, а кои очигледно реинкарнираат заради омраза и војна! Има разбрани луѓе и меѓу Македонците и меѓу Албанците, кои мора да ги отворат сите потиснати прашања во македонско-албанските односи, Македонија мора да биде држава како и сите држави во светот. Македонскиот народ не е мнозински, а македонскиот јазик не е службен јазик заради асимилација на националните малцинства, туку за да се разберат сите во државата, независно од етничките и јазичните права.
Тодор Петров