Кај нас долги години се заговара и конечно да профункционира законот со кој се стимулираат спонзорства во културата и во спортот преку даночни олеснувања. Таков закон постои во сите развиени земји во светот и овозможува приватниот сектор активно да учествува во поддршка на културните и спортските собирања и манифестации. Еден од начините на помагање на културниот сектор во светот е и користење на средствата собрани од оданочување на игрите на среќа…
Светските медиуми што се занимаваат со комерцијалните ефекти од културата редовно ја отвораат вечно актуелната тема за приватните спонзорства во културниот сектор, која во македонското општество отсекогаш била жежок костен поради непрекинатата економска криза и промените во медиумската сфера што доведоа до драстично намалување на буџетите за реклама на приватните компании, особено на буџетот за спонзорства. И оние малку спонзорства што ги има главно се насочени кон настани што гарантираат масовна публика, како спортски натпревари или концерти на ѕвезди, но никогаш или ретко кон т.н. „висока“ култура, како што се театрите, филмот, музеите, оркестрите…, кои секогаш биле на опашката од финансиската стратегија на корпорациите. Најмалку, пак, за вработување кадри во културните институции и установи.
Кај нас долги години се заговара и конечно да профункционира законот што стимулира спонзорства во културата и во спортот преку даночни олеснувања. Таков закон постои во сите развиени земји во светот и овозможува приватниот сектор активно да учествува во поддршка на културните и спортските собирања и манифестации.
Еден од начините на помагање на културниот сектор во светот е и користење на средствата собрани од оданочување на игрите на среќа. Токму деновиве министерката за култура Костадиновска-Стојчевска повика што поскоро да се изгласаат блокираните закони во Собранието, меѓу кои и измените на Законот за игри на среќа, за кој, како што рече, е од јавен и национален интерес, затоа што со позитивни измените на Законот за игри на среќа, меѓу другото, се предвидува и стипендирање на дефицитарните кадри во културата, што е добра основа за дополнување на стручниот кадар за заштита на културното наследство, сектор што е еден од најзагрозените. Побаран е дополнителен фонд за заштита на културното наследство, а тоа би било уредено со соработка меѓу Министерството за култура, Министерството за образование и културните установи, кои ќе го договорот бројот на студенти што ќе се стипендираат од фондот од игрите на среќа во дефицитарните струки, кои се осум на број, со што студентите од овие студиски програми точно ќе знаат каде ќе го продолжат својот професионален ангажман по завршувањето на студиите.
Слични примери има безброј, и не треба да одиме подалеку од соседството. Во Србија, како што пишува српски „Блиц“, обложувачкиот сектор во буџетот уплаќа 250 милиони евра годишно и вработува неколку илјади програмери, статистичари, аналитичари, математичари, но во значајна мера придонесува и во развој на голем број други сектори, меѓу кои и културниот. Оваа индустрија поддржува околу сто илјади работни места, како што покажале истражувањата на Здружението на организаторите на игрите на среќа. Колкаво е значењето на игрите на среќа, како што пишува „Блиц“, најдобро покажува податокот дека од парите што на годишно ниво се уплаќаат во државната каса од даноците на индустријата на обложување, во пандемијата можеле да се изградат дури шест нови ковид-болници! Или да се финансира изградба на национален стадион или дури десет помали фудбалски терени низ земјата! Според истражувањето на Здружението на организатори на игри, даночните плаќања во државната каса од индустријата за игри се дури 30 пати поголеми од сумата наменета за стипендии за млади таленти, или 20 пати повеќе од парите за спортски стипендии, награди и признанија, но и девет пати повеќе од државните субвенции за наука и за образование. Кога ќе се споредат бројките, сумата што ја плаќаат обложувачниците преку различни даноци и давачки претставува околу 60 отсто од државните субвенции за земјоделството или пет пати повеќе од субвенциите за енергија…
Ваквите примери може да послужат за иницирање нови и различни начини за поддршка на ранливиот културен сектор, но и за зголемување на свеста кај нас за важноста на културата, а истовремено и на нејзините носители, на приватниот сектор и на државата.