Фото: Архива

Не е проблематична само границата на Србија со Косово, како што истакна албанскиот премиер Еди Рама во Скопје. Граничните области на Балканот традиционално се исклучително порозни за шверц на луѓе и на најразлични стоки. Во тие рамки и границата меѓу Македонија и Албанија претставува критична зона кога станува збор за шверц на разни производи, почнувајќи од дрога, а завршувајќи со прехранбени производи. Со години властите запленуваат наркотици, оружје, накит, автоделови, храна, цигари, кафе, а се чини дека, и покрај тие акции, шверцерите продолжуваат со исто, па дури и со засилено темпо… Кај нив Отворен Балкан одамна многу успешно функционира…

Проблемот со балканските граници и натаму останува отворен

Албанскиот премиер Еди Рама на завчерашниот неформален состанок на лидерите на НАТО во Скопје побара поголема контрола на границата меѓу Косово и Србија. Тој нагласи дека трагичниот настан во кој животот го загуби полицаец не смее да се повтори и треба да се сфати како навестување, а не повремен настан, па токму поради тоа побарал да се зголеми бројот на безбедносните сили од НАТО.
На тој начин Рама реактуализира едно горливо прашање на Балканот, кое одамна бара решавање, но и нов сериозен пристап од сите страни, бидејќи навистина тоа не може да биде решавано еднострано. Како што укажуваат нашите соговорници, не е проблематична само границата на Србија со Косово, туку и границата помеѓу Македонија и Албанија, каде што на големо се шверцува сѐ и сешто, почнувајќи од дрога, храна, па дури и делови за автомобили.

Рама: Целиот регион е мултиетнички, мултирелигиозен и подложен на влијанијата од војните во Украина и во Израел

Албанскиот премиер Рама нагласи дека е потребно да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и е неопходно да се гарантира границата меѓу Косово и Србија, граница што фактички е надвор од контрола и е во служба на илегални активности.
– Шверцувањето оружје и наркотични средства и активностите што во понатамошниот тек се мешаат, како што знаеме сите, со политичката активност со ултанационалистичка заднина, предизвикуваат големи нарушувања, како настанот во Бањска, каде што припадник на косовската полиција го загуби животот. Со тој настан излезе на виделина големиот потенцијал од дестабилизација и ескалација – рече Рама и нагласи дека Косово и Србија треба да бараат решение преку дијалог на кој ќе посредува Европската Унија.
Албанскиот премиер смета дека границата меѓу Косово и Србија е извор на „многу лоши нешта“ и место од каде што се пробиваат поединци и групи што имаат цел да предизвикаат дестабилизација на Косово. Рама потсети дека безбедноста на регионот е исклучително важна, оти целиот регион е мултиетнички, мултирелигиозен и подложен на влијанијата од војните во Украина и во Израел. Според Рама, евроатлантскиот правец и тренд во Косово е несомнен.

Краток пресек на видот на стоката што се шверцува

Не е проблематична само границата со Косово. Граничните области меѓу Македонија и Албанија се исто така доста критични кога станува збор за шверц на разни производи, почнувајќи од дрога, а завршувајќи со прехранбени производи.
Со години властите запленуваат дрога, оружје, накит, добиток, храна, кафе, па дури и автомобилски делови, а се чини дека, и покрај тие акции, шверцерите продолжуваат со исто, па дури и со засилено темпо.
На почетокот на месецов албанската полиција приведе две лица од селото Маќелари, лоцирано во непосредна близина на граничниот премин Блато, кои се обиделе со добиток да ја преминат границата преку зелен појас. Приведените немале документација за добитокот што бил прошверцуван, информира албанската полиција и додаде дека за делото ќе одговараат пред обвинителството и судот на Пешкопеја. Според албанските медиуми, во истрагата надлежните албански органи ќе соработуваат со македонските колеги за откривање на организираната нелегална трговија со добиток. Понатаму, шверцот на свежа пастрмка, со помош на различни пловила преку Охридско Езеро, од Албанија во Македонија е во исклучително нагорна линија. Пастрмката во Албанија се лови со недозволени риболовни средства од страна на рибокрадците, па дури и во периодот на мрестење на рибата. А на менијата и на трпезата во кафеаните во Македонија постојано има пастрмка…
Низ годините полициските билтени бележат и шверц на гуми. Па, така, пред неколку години, албанската полиција уапси девет лица, меѓу нив и еден македонски државјанин и петмина цариници од преминот Ќафасан на албанско-македонската граница кај Струга, поради шверц на употребени гуми за возила.

Македонски државјанин од Охрид, кој управувал со камион натоварен со 2.100 гуми, бил запрен на патниот правец Подградец – Малиќ, во близината на селото Собјан, откако го минал граничниот премин и ги растоварал гумите во магацин на уште еден Македонец. Нарачател на стоката бил Едмонд Кодра (61) од Собјан.
Уапсените цариници од преминот Ќафасан одговараа за злоупотреба на службената положба, бидејќи дозволиле влез на камионот без потребната царинска процедура. Деветтото уапсено лице беше од Подградец, царински агент на компанија што имала своја царинска испостава на преминот.
Летото минатата година на граничниот премин Ќафасан, на албанско-македонската граница кај Струга, беа уапсени седум лица што дозволиле или вршеле шверц на стока набавена во Македонија.

Притворени беа двајца полициски службеници, двајца цариници и тројца жители на пограничниот град Либражд за злоупотреба на службената положба, за корупција и за шверц. По добиени сознанија дека се дозволува минување на стока од македонска на албанска страна избегнувајќи ги царинските давачки, спроведената истрага го потврдила тоа, информира албанската полиција.
Според истиот извор, истрагата покажала дека полициски службеници на споменатиот премин, во соработка со царинските службеници, во замена за поголема сума пари, фаворизирале три лица да ја преминат шверцуваната стока без спроведување на постапката за царинење. Како материјален доказ беа одземени три возила, девет мобилни телефони, одредено количество пари нелегално стекнати нелегално од корупција на работно место, значително количество разновидна храна и пијалаци, како и друга стока.

На големо се шверцуваат и цигари, а минатото лето на преминот Блато на македонско-албанската граница кај Дебар беше спречен шверц на ветеринарни лекови. При спроведување редовна царинска контрола, царинските службеници спречија обид за нелегално внесување ветеринарни лекови во Македонија.
-0 При вршење детална контрола на возилото од страна на царинскиот службеник, во просторот под предните седишта, во преградите на предните и задните врати и во просторот за документи пред совозачкото седиште се пронајдени непријавени 20 парчиња спреј (по 200 милилитри) со ознака „Суперспреј“, 10 шишиња (по 100 милилитри) средство со ознака „Пенбекс“, 10 кутии таблети со ознака „Ексиптол“ и едно парче туба со ознака „Алоегел“ – наведуваат од управата.
Жител на пограничното село Долна Ѓурица пред неколку години во обид да прошверцува 507 килограми кафе од Македонија во Албанија беше спречен од албанската гранична полиција. Кафето било натоварено во комбе, со кое осомничениот Б.Т. (51) успеал да ја мине државната граница, во близината на селото Вичишта, кај Дебар, но бил забележан од полициската екипа. Откако забележал дека полицијата го следи, возачот го напуштил комбето и успеал да побегне.

Дрога постојано се наоѓа, и тоа во големи количества

Иако има значителен број случаи на откриена и запленета дрога што шверцери се обиделе да ја внесат во Албанија или во Македонија, сепак има неколку случаи во кои полициите успеале да запленат големо количество дрога.
Па, така, во градот Поградец минатата година албанската полиција успешно пронајде и заплени 58 килограми хашиш, кој требало да заврши на македонскиот пазар. Меѓу уапсените беше и жителка на Тирана, која била вработена во Националната агенција за информатичко општество на Албанија.
– Дрогата е откриена во автомобил „фолксваген“, сопственост на Ериса Феро, додека другите две лица го набљудувале патот. Таа била „задолжена“ дрогата да ја транспортира од Тирана до граничниот премин Ќафасан, на албанско-македонската граница кај Струга, за потоа да му ја предаде дрогата на Лика Баша, кој требало да ја пренесе во Македонија. Полицијата ги пресретнала во близината на преминот – се наведува во полициското соопштение.

Дрога влегува и излегува од Албанија и на црногорската граница, од каде што постојано пристигнуваат информации за спречени обиди за шверц.
Неодамна црногорските царински службеници на граничниот премин Божај-Хан Хоти спречија шверц на околу 500 килограми марихуана.
Крајната дестинација на дрогата, произведена во Албанија, требало да биде Австрија.
Според албанските медиуми, кои се повикуваа на црногорските власти, дрогата била откриена во камион што транспортирал дрвени палети, меѓу кои биле скриени 185 пакувања со марихуана. Возилото имало албански регистарски ознаки, а биле приведени две лица, татко и син, жители на Драч.
„Профитот“ од шверцот се дели меѓу организаторите и локалните групи што го знаат теренот и точно знаат што се случува на границата. Но, за издвојување е што шверцерите не трошат пари само за себе и за луксузен живот туку „вложуваат“ и во професионална опрема, каква што немаат ни граничните службеници: во возила и оружје, а пред се во уреди за ноќно и термичко набљудување.


ОД ШВЕРЦОТ СО ПАСТРМКА ПОВЕЌЕСЛОЈНИ ИСКЛУЧИТЕЛНО
ВИСОКИ ШТЕТИ

Голем и сериозен е проблемот на шверцот и илегалниот риболов во водите на Охридско Езеро.
Шверцот на охридската пастрмка и белвица има огромни размери, но надлежните многу малку преземаат за да го спречат тоа, и покрај тоа што многумина досега бараа од нив и апелираа да се зголеми контролата во водите на езерото. Шверцот на пастрмката не само што ѝ нанесува штета на државата како илегална активност, туку неповратно го девастира рибниот фонд на ендемичната риба, летница и белвица, и ги уништува екосистемот и балансот на флората и фауната во Охридско Езеро, со што „бисерот и на Македонија и на Албанија“ полека престанува да ги поседува атрибутите на екосредина, каков што била пред стотици години…
А примери за беспоштедно уништување на Охридско Езеро има сѐ повеќе… Издвојуваме некои од нив што се регистрирани во билтените на МВР. Имено, на почетокот на годинава двајца државјани на Албанија беа приведени од страна на струшката полиција откако при претрес на граничниот премин Ќафасан во нивното возило биле пронајдени над 200 парчиња охридска белвица. При контрола во патничко возило „шкода“, со албански национални ознаки, биле пронајдени 232 парчиња охридска белвица, кои биле предмет на недозволена трговија од Македонија кон Република Албанија.

Од МВР додаваат дека двајцата 22-годишници се во притвор, а против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Минатата година, пак, граничната полиција на преминот Стење, во соработка со Одделението за прекуграничен криминал Охрид, приведе двајца државјани на Република Албанија за недозволена трговија на пастрмка. Тие се обиделе да внесат 139 парчиња риба. При контрола во патничко возило „нисан“, со албански национални ознаки, биле пронајдени 139 парчиња охридска пастрмка со вкупна тежина околу 90 кг, кои биле предмет на недозволена трговија од Република Албанија кон Македонија.