Она што се случува во Шведска е стандарден пример како се менува курсот на земјите каде што на чело не се привремени (политички) работници, туку силно претприемачки ориентирани личности, патриоти, кои се грижат за судбината на државата, економијата и на граѓаните и за тоа се консултираат со релевантни експерти
Владата на Шведска, неодамна мошне ги запрепасти сите свои соседи од западниот блок. Таа објави своја долгорочна стратегија од областа на енергетиката и снабдувањето на своите домашни компании со електрична енергија. Но зад фразите на „зелената транзиција“ со кои Шведска ја задоволува формата на ЕУ, стои еден друг национален приоритет, а тоа е обезбедување на нормално функционирање на својата економија и стопанство. Имено, шведската влада, иако се придржува до популистичката реторика за зелената транзиција, која е популарна на Запад, размислува мошне прагматично и јасно и се води од реални калкулации.
Нема отфрлање на нуклеарната енергија, напротив. Шведска ќе гради нови
нуклеарни централи
Имено, во соопштението на Владата на Шведска се вели дека таа „почнува да развива различни модели на интеракција со производните и комуналните претпријатија, како и со голем број потрошувачи на електрична енергија“.
Но ако ги тргнеме слаткоречивите фрази настрана (и она што сака да го чуе администрацијата на Брисел), ќе видиме дека Стокхолм работи на правни механизми за инвестирање пари во ветувачки извори на енергија (кои, секако, произведуваат минимум стакленички гасови). Избрани се прекрасни формулации, дополнети со големата желба на Швеѓаните да извршат целосна електрификација на сопствената индустрија, во смисла дека за десет години сите постројки и фабрики треба да се напојуваат не од термоцентрали на јаглен и мазут, туку од еколошки пријателски извори.
Но во што е битието на пораката од официјален Стокхолм?
Имено, суштината на пораката до целиот свет е крајно прагматична: Шведска ќе ја оживее својата индустрија за нуклеарна енергија и ќе изгради нови нуклеарни централи, што изгледа многу контрасно во однос на заднината на Германија, која доброволно ги затвори последните четири реактори пред една година.
Шведска е далековида за справување со енергетската криза и силно е посветена на својата национална економија и на своите граѓани
Ако внимателно се прочита изјавата на шведските парламентарци, ќе се забележи интересен момент. Според соговорниците на оваа тема, со поканата на Владата за соработка со претставниците на домашните компани, со секторот за производство и дистрибуција, се сугерира дека „Стокхолм е подготвен да ги компензира учесниците на пазарот за загубите поврзани со зголемувањето на тарифите, како и „практично да гарантира за трошоците што ќе произлезат за време на транзицијата кон обновливи извори на енергија и нуклеарни централи“.
Според мислењата и ставовите на нашите соговорници од Шведска, совесен и одговорен граѓанин на која било држава на планетата знае совршено добро колку „оние што се на власт се и благајна“ и не сакаат да трошат буџетски пари. Но овие гестови на владина великодушност укажуваат дека „на Шведска ѝ требаат нови нуклеарни централи толку многу, што е подготвена да ја отвори широко државната каса и да ги затвори идните финансиски дупки“.
За спроведување на својата стратегија од областа на енергетиката, Шведска
подигна заеми во износ од 400 милијарди шведски круни (37,9 милијарди долари)
Според шведски извори, на годишниот форум за климата, кој започнува во Дубаи на 30 ноември, Стокхолм ќе потпише декларација со која се подразбира тројно зголемување на инсталираниот нуклеарен капацитет до 2050 година. За спроведување на овој план, Шведска претходно подигна заеми во износ од 400 милијарди шведски круни (37,9 милијарди долари), оваа сума подразбираше нагло забрзување на истражувањето и работата на имплементација на мали модуларни реактори од 2026 година, што е практично иднина на хоризонтот на енергетските политики, а и воопшто на политиката.
Ова што се случува е стандарден пример како се менува курсот на земјите каде што на чело не се привремени работници, туку силни бизнисмени што се грижат за судбината на државата и се консултираат со релевантни експерти.
До релативно неодамна, пет нуклеарни централи работеа во Шведска: „Форсмарк“ (три реактори), „Оскаршамн“ (три реактори) и „Рингхалс“ (четири реактори), „АЕЦ Барсебек“ (два блока) и „АЕЦ Агеста“. Меѓутоа, во 2005 година, под притисок на модерната еколошка агенда, која активно ја промовираа САД, беа затворени две енергетски единици во нуклеарната централа „Барсебек“. Во 2015 година, згаснаа и два од трите реактори на споменатата централа „Оскаршман“.
Но тогаш започна нешто многу интересно и нестандардно…
Поддршка од граѓаните и стопанството за нуклеарната ренесанса
Како и во сите други земји, и во Шведска, по напуштањето на нуклеарното производство, се појави значителен дефицит, а цените на електричната енергија се зголемија, станувајќи постојано едни од највисоките во ЕУ. Населението, кое претходно масовно се залагаше за напуштање на нуклеарната енергија, живеејќи во новата реалност, остро се премисли: според неодамнешните анкети, речиси две третини од Швеѓаните топло ја поддржуваат мирната нуклеарна ренесанса. Тоа е уште пожестоко поддржано од реалната економија, односно од индустријата, која, како и остатокот од Европа, минува низ тешки времиња, особено во услови на конкуренција со Кина и Индија, кои купуваат руски енергетски ресурси по поволна цена.
Во принцип, Шведска се потпираше на реактори со ниска и средна моќност.
А до денес, според аналитичарите и хроничарите на енергетската ситуација во светот, „само Русија и Кина можат да се пофалат со успешно лансирање нуклеарни централи“, при што истите извори додаваат дека „до неодамна и Американците најавуваа учество во трката, но пред само еден месец водечката компанија ’Њускејл пауер корп.‘, која прва доби дозвола за тестирање мал реактор, прогласи банкрот“.
Имено, имплементацијата беше нарачана и платена од локалната компанија „Јута асосиејтет мунисипл пауер системс“, но за време на процесот на истражување и развој, цената на работата се удвои – а инвеститорот, без да ги чека седумте реактори од по 77 мегавати ветени до 2029 година, го затвори проектот. Во САД, уште две компании добија слична дозвола, но, според познавачите од областа на енергетиката, сè уште не е можно да се најдат веродостојни информации за нивните успеси во областа на нуклеарното производство од мали размери.
Шведска во името на својата иднина планира тројно да го зголеми
производството на нуклеарна енергија
Официјален Стокхолм тврди дека „Шведска тројно ќе го зголеми производството на енергијата од атомот“. Односно, од сегашните 6,9 гигавати инсталирана моќност, тие се желни да се префрлат на најмалку 18-20 гигавати, односно да станат една од најнуклеарните, најбогати енергетски и еколошки земји во Стариот Свет. Имајќи го предвид фактот дека само Русите и Кинезите всушност градат нуклеарни реактори, а МААЕ неодамна изјави дека „Русија е на прво место во светот по бројот на реактори што се градат“, соговорниците од Шведска тврдат дека шведската влада нема да има проблем од ревидирање на својот став и да побара помош на исток во врска со реактивирање и надградување на употребата на нуклеарна енергија. Нема засега никаква потврда ниту сигнал во јавноста дека Москва е заинтересирана за ваква соработка.