Македонската поетеса Николина Андова Шопова беше претставена на поетскиот фестивал „Арс поетика“ во Братислава, Словачка. Избор од нејзината поезија беше објавен од издавачката куќа „Арс поетика“ во превод на словачки јазик од Звонко Танески, со поддршка од македонското министерство за култура. Шопова учествуваше во програмата на фестивалот на 17 ноември во култниот „В клуб“, мултимедијалниот културен центар што претставува средиште на слободната мисла уште од времето на социјализмот.
Фестивалот, кој е еден од најреномираните европски поетски фестивали, член на платформата „Версополис“, оваа година се одржува од 15 до 22 ноември, под мотото „Барајте ја жената“, и е посветен исклучиво на жени автори и нивна афирмација. Во рамките на програмата на фестивалот, на словачката поетеса Мартина Стракова ѝ беше врачена плакетата со наградата „Мостови на Струга“, меѓународна награда што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКО за дебитантска книга од млади автори до 35 години. Стракова беше добитничка на наградата во 2020 година за нејзината дебитантска книга „Разгледници од невидливите места“, но поради ковид-пандемијата не беше во можност да учествува на фестивалот со физичко присуство.