По покана од Друштвото на хрватски писатели, македонската писателка Наташа Сарџоска учествуваше на литературниот фестивал „Пријатели на книгата“ во Риека, заедно со голем број поетски имиња од регионот. Таа на 11 ноември настапи со свои песни на македонски и на хрватски јазик, во македонскиот културен центар „Илинден“, каде што наедно ѝ беше врачена награда за поетска книга објавена надвор од Хрватска, за делото „Часови по измама“, во издание на издавачки центар „Три“. Наградата ѝ ја врачија Валерио Орлиќ и Ерни Џиганте Десковиќ.
Ова е шеста нејзина поетска книга, а по романот првенец „Трамонтана“, наскоро ќе излезе од печат и нејзиниот втор роман кај истоимениот издавач. За оваа наградена поетска книга, Виолета Танчева Златева напиша: „И кога ни се чини дека имаме сè, уште зјаат многу празнини во нас што пекаат за пополнување. Каде да ги најдеме ’неистражените предели’ со кои можеме да ги населиме? Во себе да ги бараме или во светот за кој немаме чувство дека сосема му припаѓаме? И по кој пат да тргнеме кон нив – по тесната и длабока патека на душата или по широкиот друм на материјалниот свет опкружен со илузии, неискреност и ’часови по измама’? Но можеби уште поважно е на тој пат да не се изгубиме себеси“.