Тридневна програма „Градот како сцена – приказна за шетачката“ се одржува во рамките на 48. издание на интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“. Перформативната инсталација е продолжение на истражувањето претставено во рамките на Националниот павилјон и Студентскиот павилјон на Македонија на 15. Прашко квадриенале за перформанс-дизајн и простор во 2023 година, како дел од платформата за интердисциплинарни просторно изведувачки практики на ФРУ насловен „Градот како сцена“.
Денеска, во 12 часот, ќе се одржи третиот чин или „Изведба на јавниот простор“ – дискусија модерирана од Кристина Леловац (актерка и изведувачка, ФДУ-УКИМ Скопје) и Миодраг Куч (ЗК/У од Берлин), Маркета Фантова (уметничка директорка на Прашкото квадриенале). Во 1.45 часот започнува сесијата „Попаметни граѓани 02“ – презентација на процесот на работа со студенти од Архитектонскиот факултет и Факултетот за драмски уметности од Скопје, како и други сродни уметнички факултети во земјава. Процесот на работа вклучуваше развој на метод на читање на градот и различни урбани контексти, кои подоцна ќе имаат цел да се трансформираат во изведба и/или интервенција во јавен простор.