Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дијабетесот не бара само инсулин и боцкање. Оваа болест е една од главните причини за срцеви заболувања и инфаркти, влијае на сетилото и органите за вид, на откажување на работата на бубрезите и на ампутација на долните екстремитети. Еден од двајца заболени од дијабетес е недијагностициран. Раната дијагностика и лекување се клучни моменти за спречување или одложување на животозагрижувачките компликации

СВЕТСКИ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ ДИЈАБЕТЕСОТ: ГРОМОГЛАСЕН ПОВИК ЗА МОБИЛИЗАЦИЈА НА СИТЕ РЕСУРСИ

Денес е Денот за борба против дијабетесот, но се чини дека Македонија многу тешко се бори со оваа болест. Годинава што полека изминува, за лицата што боледуваат од оваа болест помина во знакот на недостиг од инсулин, ленти и од сензори. Луѓето засегнати од оваа фактичка состојба цела година ја минаа снаоѓајќи се за терапијата, но и за другите работи што им се потребни, а кои честопати мораа да ги купуваат од свој џеб иако им следуваа од државата.

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ (НЕ)ПРЕМОСТЛИВИ

Иако министерот за здравство Фатмир Меџити вети решавање на проблемите на лицата со дијабетес, кои изминатиот период неколкупати излегоа на протест барајќи од државата да им ги обезбеди потребните лекови, денес, за жал, беа обезбедени само пет илјади кутии со ленти за мерење шеќер. За жал, оваа бројка може да ги задоволи потребите само на десет отсто од пациентите во земјава.
За лицата што својот живот мора да го кројат во согласност со симптомите што ги дава оваа болест, годинава била катастрофална во поглед на обезбедувањето терапија за нивно лекување.
– Ова е една од најтешките години и беше полна со проблеми за нас дијабетичарите. Немаше инсулин, немаше игли и апаратчиња, а дел од работите требаше да добиеме во февруари. Еве, на крајот на годината, сѐ уште имаме пациенти што не добиле ништо – вели дијабетичар од Скопје.
Лицата со дијабетес во Македонија цела година алармираат за состојбата во која се наоѓаат, а пред четири месеци јавно го искажаа својот револт, со протест пред Министерството за здравство.
Тие велат дека им се прекршува уставно загарантираното право на здравствена заштита и дека државата ги прекршила сите рокови што самата ги дала.

ШТО Е ДИЈАБЕТЕС

Дијабетесот не е само инсулин и боцкање. Оваа болест е една од главните причини за срцеви заболувања, инфаркти, слепило, откажување на работата на бубрезите и ампутација на долните екстремитети. Еден од двајца заболени од дијабетес е недијагностициран. Раната дијагностика и лекување се клучни моменти во спречувањето или одложувањето на животозагрижувачките компликации.
Дијабетесот е една од најчестите болести на современото општество. Во светски рамки се смета дека има над 200 милиони луѓе со дијабетес, а според Меѓународната дијабетолошка федерација, овој број ќе достигне 350 милиони до 2025 година. За жал, и во земјава бројката на заболени од дијабетес расте.
Дијабетесот е хронично заболување, кое се карактеризира со зголемени вредности на шеќер (гликоза) во крвта. Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон што се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде што се разложува и се добива енергија.
Луѓето што страдаат од дијабетес, независно од кој тип, имаат покачени вредности на гликоза затоа што нивниот организам не може да ја пренесе гликозата во клетките. Причини за тоа може да бидат недоволна продукција на инсулин од страна на панкреасот или нарушена реакција на клетките кон инсулин, како и двете причини истовремено.