Архива / Фото: МИА

Укината е мерката куќен притвор за Драги Рашковски и прифатена е гаранцијата како мерка за обезбедување на негово присуство во рамки на кривичната постапка што се води против него, поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик, соопштија утрово од Апелационен суд Скопје.

– Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КСЖ – 816/23 на нејавна седница на ден 3.11.2023 година, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ja одби како неоснована и донесе решение со кое го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е укината мерката куќен притвор и прифатена гаранција како мерка за обезбедување присуство против обвинетиот Д.Р. од С., во рамките на кривичната постапка која се води против обвинетиот, а поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик – информираат од Апелација.

Вака донесената одлука, посочуваат, ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.