Фото: ЕПА

Ѓоковиќ осми пат ќе биде прв на крајот на една година, рекорд што веќе беше во негова сопственост, но тоа му овозможи да стане и првиот тенисер што 400 недели бил на врвот на ранг-листата на АТП. „Да се стане број 1 на крајот на годината е неверојатно достигнување. Да се постигне тоа осум пати е апсолутно извонредно“, рече претседателот на АТП, Андреа Гауденци

Новак Ѓоковиќ го зголеми рекордот откако осми пат ќе биде број 1 во светот на крајот на една година на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), откако ја забележа едната потребна победа на АТП-финалето во Торино, на дуелот со Холгер Руне, во 1. коло, со 7-6, 6-7, 6-3. Ѓоковиќ го продолжи и својот рекорд како највозрасен број 1 на крајот на годината, откако пред две години тој беше на првото место со 34 години, а сега го повтори подвигот на 36 години, пишува АТП.
Следен на таа листа е Пит Сампрас, со шест пласмани на врвот на крајот на една година. Ѓоковиќ ја заслужи оваа чест во осум од изминатите 13 сезони, пишува АТП. Со освојување на првото место на АТП-листата, Ѓоковиќ обезбеди да ја забележи рекордната 400-та недела на врвот на рангирањето, од понеделник. Ѓоковиќ помина 25 недели на првото место во 2023 година, во која на врвот имаше седум смени, помеѓу Ѓоковиќ и Карлос Алкараз.
Ѓоковиќ досега годинава освои шест титули, од кои три од четирите гранслем-турнири, Австралија опен, Ролан Гарос и САД опен, со што сега има рекордни 24 гранслем-трофеи. Тој четврти пат во кариерата освои три од најголемите титули во една година (претходно и во 2011, 2015 и во 2021 година). Ѓоковиќ годинава победи и на АТП-турнирите од серијата 1.000 во Синсинати и во Париз и е рекордер и тука, со 40 титули на тоа елитно ниво.
Ѓоковиќ, кој исто така победи и на турнирот во Аделаида годинава, има резултат од 52 победи и пет порази (52-5) по неговата воведна победа во Торино. Неговата стапка на победа од 91 отсто во 2023 година е речиси осум отсто повисока од просекот во неговата кариера, според статистиката на Инфосис, пишува АТП.
– Да се стане број 1 на крајот на годината е неверојатно достигнување. Да се постигне тоа осум пати е апсолутно извонредно. Ѓоковиќ продолжува да ги поставува стандардите во тенисот, а неговата страст и желба го прават вистински шампион – рече претседателот на АТП, Андреа Гауденци. Н.М.


БРОЈ ЕДЕН НА КРАЈОТ НА ГОДИНАТА

Новак Ѓоковиќ 8
Пит Сампрас 6
Роже Федерер 5
Џими Конорс 5
Рафаел Надал 5

НОВАК ЃОКОВИЌ ВО 2023 ГОДИНА
титули 6
победи-порази 52-5
поб.-пор. со првите 10 14-3

Извор: АТП