Репрезентацијата на Македонија загуби во квалификациите од фаворизираната селекција на Србија со 60-103

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025 ЗА КОШАРКАРКИ

Женската репрезентација на Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година, во СРЦ „Кале“ во Скопје загуби со 60-103 од селекцијата на Србија, прв фаворит во групата Г. Ова е втор пораз за македонските кошаркарки, по неодамнешниот од Португалија (52-65) на гости.
– Несомнено квалитетот на Србија е многу висок, што го покажа и во овој циклус на првите два меча, против нас и против Украина. Сакам да им се заблагодарам и на кошаркарките затоа што, без разлика на резултатот, сите се бореа од почетокот до крајот. Иако уште од почетокот на мечот бевме во минус од 20 поена, сите што беа на теренот играа максимално и прикажаа борбеност – изјави селекторот Александар Ашаданов.
Квалификациите продолжуваат во ноември в година, кога Македонија дома ќе игра со Украина и со Португалија. На ЕП 2025 ќе настапат првопласираните во групите и четири најдобри меѓу второпласираните.
– Очекувавме ваква игра и натпревар, затоа што, сепак, Србија е репрезентација со поголем квалитет од нас. Се надеваме на подобри резултати во иднина. Нашите цели остануваат исти како и во почетокот на овие квалификации, да се обидеме да оствариме некоја победа, што ќе биде сатисфакција за вложениот труд. Извесно е дека ни треба повеќе време да бидеме заедно и да ја унапредиме нашата игра за натпреварите што следуваат – рече Илина Селцова, која реализира 12 поена и по две асистенции и скока.
Прв стрелец на натпреварот во Скопје беше капитенката на Македонија, Анџелика Митрашиновиќ со 23 коша, пет асистенции и шест скока, а кај Србија, Анѓела Дугалиќ впиша 17 поени. Г.И.


ГРУПА Г

Македонија – Србија 60-103
Украина – Португалија 63-78

ТАБЕЛА
Србија 2 2 0 185-100 4
Португалија 2 2 0 143-115 4
Македонија 2 0 2 112-168 2
Украина 2 0 2 103-160 2
Идно коло (7.11.2024): Македонија – Украина, Србија – Португалија.