Гласно одекна македонскиот збор во Сплит, Хрватска. Во прекрасниот амбиент на градската библиотека „Марко Марулиќ“ во Сплит се одржа промоцијата на збирката „Културолошки точки на Македонија“ од м-р Александар Јорданоски. Организатор на овој значаен настан беше македонското културно здружение Стоби, чиј претседател Ангел Митревски беше модератор на вечерта која беше збогатена со настапот на музичкиот состав Стоби, кој дејствува во рамки на здружението, а се претстави со сплет од македонски и далматински традиционални композиции.

Редакцијата „Нова Македонија“ беше поканета од МКЗ Стоби да присуствува на овој културен настан и да ги презентира пред македонската дијаспора, но и пред хрватската јавност своите видувања за најновото дело на својот колумнист Алексадар Јорданоски, за што свое излагање имаше в.д. главниот и одговорен уредник Марјан Велевски.

Во својата втора книга, Александар Јорданоски има поместено 23 текстови објавени претходно како колумни, ставови или рецензии во македонската периодика. Како што е истакнато во рецензиите на книгата, секој еден текст од неа претставува своевидно негодување на актуелната политичка состојба, пред се, во однос на третманот и заштитата на културното наследство, што е всушност и професионална определба на авторот. М.В.