Едно нешто имам со сигурност разбрано во животов. Мене едноставно не ме бива да заработам пари. Сеедно што поседувам талент за пишување, кој многумина го ползуваат нарачувајќи од мене сценарија (од книжевност нема никаква заработувачка) што јас со задоволство ги создавам. Да, поседувам талент за креација и на тоа поле сум докажан (без разлика што има да каже Агенцијата за филм и луѓето околу неа), но оној другиот талент, да го материјализирам сработеното, не само што не го поседувам туку сум вистински уметник во неспособноста добро да се продадам. Тоа што се однесува до дарбата што ми е дадена, ама мора да признаете, понекогаш треба да се има и среќа.
Е па, немам среќа. На дофат од рака ми беа триста евра. Можеби вам не ви звучи како којзнае колку силна бројка, ама за мене, глуп да заработам, тоа е сериозна сума со која…, па можам да покријам една кирија и дел од сметките. И ги видов тие триста евра во мислите, ја подадов раката кон нив кога одеднаш… паффф… пукнаа како меур од сапуница. Ги снема. Па јас, факинг баксуз, од раѓање носам презиме Русјаков, а не, на пример, Русјаковски, за да можам да го исфрлам она проклето –ски и на негово место да си купам –ов што ќе ми ги фрлеше в скут оние прекрасни триста евра. Е, беља работа!
Цинизам на страна, стварно бев убеден дека онаа будалаштина со –ски и –ов на крајот од презимињата, демек Македонците се на –ски, а Бугарите на –ов, ограничена е со време и простор на бившата југословенска држава, кога гледај ваму, и Бугарите да ти ја сметале таа бесмислица за вистина, оти ене ја лејкана бугарска, нуди по триста евра, луѓе да си ги менуваат презимињата. А може е во право, а? Па нели сите знаеме дека Левандовски, некогашните браќа, а сега сестри Вачовски и секако Достоевски и Чајковски се Македонци, како што Чехов, Бироф (правилно Биров) и Асимов се асли Бугари. Даниел Стариџ, секако е Србин.
Зошто ви пишувам за оваа глупост? Затоа што обѕрнувајќи се околу себе за да фрлам поглед на светот што ме опкружува, добивам гадна мачнина во срцето (не во стомакот) и потреба да исчезнам, не од јавноста или од гротеската Нордистан, туку од планетава. Секое здраворазумско битие, сеедно што не спаѓам баш во таа категорија, по неколку минути набљудување на состојбата во која се наоѓа човештвото, веднаш добива желба да престане да се нарекува човек и во следниот живот, ако го има, да се роди како кокиче. Ете, јас ја имав таа ужасна несреќа да фатам некои детали од анализа на британски „Економист“ на темата зошто во Газа има толку мртви деца. Инаку, откако почна Израел со својата одмазда, во Газа се убиени близу 3.000 деца (за 20 дена) што е 40 отсто од цивилните жртви. И што заклучува „Економист“? Зошто има толку многу мртви дечиња? Затоа што Палестинките многу раѓале. Па, нормално! Затоа Западот уби милион цивили во Ирак лажејќи дека таму има хемиско оружје. Не затоа што психопатите Буш и Блер одлучија да искасапат цела една нација, туку едноставно, милион убиени има затоа што Ирачаните многу се размножуваат.
Што е? Ви се гади? Ме пцуете сега? Па мене ли само да ми биде расипан денот? Бидете колегијални! И верувајте во западните вредности кон кои, нели, сите се стремиме. Сакате уште? Кога Русија исклучуваше струја низ одредени региони и градови во Украина, тоа беше бестијален чин на психопатот Путин, а сега, кога Израел им сопре струја, вода и храна на Палестинците, тоа е затоа што Израелците имале право да се бранат. Секако, тука ја парафразирам онаа висока претставничка од Европската Унија, наречена Урсула, а со презиме Фон дер Лејен, инаку експерт за војна, чипови и руски миксери, а од скоро и врвен стручњак за уникатност на идентитети, иако генерално ова е западниот наратив кога станува збор за двата воени конфликта, оној меѓу Русија и Украина и секако, Израел и Палестина. Да фати човек да им се изблуе на наративот и вредностите, залудно е, оти историјата, блиското минато и сегашноста, постојано ни сведочат за константата во западното лицемерство кога се во прашање светот и политиката.
Посебно сегашноста. Двете војни, едната во Европа, а другата на Блискиот Исток, ни ја соголуваат којзнае по кој пат онаа политичка британско-евроамериканска лицемерност, оти кај руско-украинскиот конфликт отидоа дотаму што дури и режираа цивилни жртви за пропагандни цели, а сега кога практично имаме етноцид во Газа, за кој и мнозинството Евреи се побунија, не само што се прават наудрени туку и јасно и гласно го поддржуваат.
Ние, пак, како деца на мајката земја, на Македонија, како Македонци сега поробени во евроамериканското зомби Нордистан, точно ја познаваме таа нивна лицемерност, но барем уште не сме фрлени во касапница како оние во Донбас, Запорожје или Газа. Просто човек да не знае дали да му се гади од планетарната безумност или истовремено да му се гади и да се радува, затоа што Бог или иронијата на битисувањето, кој како милува, буквално на тацна, иако преку страшни примери, ни дава да посведочиме, споредиме и донесеме заклучок што е добро, а што зло, каде е лагата, но и од каде тргнува вистината. Иако секогаш ќе ги има оние фанатични ЕУ/НАТО-фундаменталисти и идолопоклоници, кои, сеедно што хоророт да им се одигрува пред носот, ќе те убедуваат дека западните вредности се света догма пред која мора да се поклониш, а таму на Истокот…, па таму се одвратните Руси, страшните Кинези и оние муслимани што, нели, многу се размножуваат.
Ете, затоа не ми се пишува за светот што се распаѓа. Дека ова се последните воздишки агонија на нашата цивилизација пишав во минатата колумна и мислам дека сме стигнати на прагот од бездната, а ние се прашуваме зошто нема чергиче да си ги забришеме чевлите. Секако, многу поедноставно ми е, иако ме боли, да се подбивам со уникатната нордистанска гротеска во која сме окупирани поради севкупната себичност и комформизам како основи на менталитетот на нашата генерација, плус минус постари и помлади, оти навистина сме уникат, мислам ваква уникатност како нашава нордистанска нова нормалност, светот тешко дека ќе види во блиска иднина, сеедно што светот веќе нема иднина, но, еве, нема веќе простор во колумнава, повторно поголемиот дел го истрошив за коментирање на морбидната планетарна стварност што нè опкружува. Ама и онака, никому посебно не му е до читање, гледам нордистанците се преокупирани со суштински збиднувања, како последнава медиумска фарса, инаку уште една потврда на марктвеновското „новинарство во Тенеси“.