Фото: З.А

Економската криза во кичевско се чувствува во сите свери од човековото живеење, а како резултат на оваа криза се случува вистински егзодус на локалното население кое што не бира начин, како час поскоро да го напушти градот и регионот и да се упати во некоја земја од Западна Европа, вклучувајќи и ги земји од поранешна Југославија, Хрватска и Словенија.

Најдобра слика за забрзаното празнење на градот е прошетката низ градските улици кога лесно ќе воочите дека население има се помалку, како и купувачи по маркетите, бутиците и локалите. Овие проблеми не ги одминаа ниту чистачите на чевли, а најдобар пример за тоа е хроничарот на Кичево, Демо Мамудоски, кој повеќе од осум децении е присутен на градските улици.

-Јас полни 80 години чистам чевли во центарот на Кичево, а до денес не паметам толкава криза и немање на работа како што тоа ни се случува последните година – две. Порано од многубројните граѓани кои што шетаа низ градските улици, добар дел од нив редовно ги средуваа чевлите кај нас, додека денес, кога градот е буквално празен нема со кого ни добар ден да кажеме, а камоли да чистиме нечии чевли . Можете да ми верувате дека последниов месец јас иако седам на улица повеќе од десет часа, немам ниту еден муштерија. Досега барем времето беше пријатно топло и немаше проблем да се остане на отворено, а како доаѓаат зимските месеци ем ќе немаме работа, ем ќе навлечеме многу студ. Ако вака продолжи и во наредните неколку месеци бидете уверени дека и ние ќе престанеме да работиме, бидејќи животот без заработка не е можен – вели Мамудоски, кој памети поубави времиња, кога Кичево имало голема касарна и многу старешини и кога секојдневно ги средувале чевлите и чизмите на старешините, а тие иако чистачи на чевли живееле на повисока нога.

Времињата се променија и се чини дека и овој занает неповратно исчезнува од градот под Илиница, а на стариот Демо, кој полни 94 години, му преостанува да им прераскажува на своите внучиња за старите добри времиња.

Тој наведе дека во овие осум децении ичистил над пола милион чевли што е своевиден рекорд.

З.А