Нешто подоцна, споредено со претходните години, стадата овци кои во текот на летото и почетокот на есента престојуваат во бачилата на Бистра и Стогово, пред почетокот на студениот период се упатија во Повардарието. Таму ќе презимат и ќе останат се до средината на мај, кога повторно по истата маршрута ќе се упатат кон сочните пасишта на планините во Западна Македонија. Стадата овци придружувани од овчарите, верните кучиња шарпланинци и коњите натоварени со храна за овчарите и кучињата, десетина дена ќе поминат на пат попланини и ридови додека не пристигнат на крајната одредница.
Овчарите признаваат дека преселбата на стадата овци е најтешкиот дел од нивната работа, полн со предизвици и неизвесности, не само поради времето, туку и поради зголемениот сообраќај и можните средби со волци.
-Најтешкиот дел од нашата работа секогаш е преселбата на стадата овци кон бачилата на Бистра и Стогово, како и нивно враќање во потоплите краишта во Повардарието. Патот кој трае десетина дена е полн со неизвесности, поврзани со врнежи од дожд, замореност на овците, што може придонесе тие да не можат успешно да ја совладаат оваа делница, потоа непланирани средби со волци кои често ги среќаваме по планините, како и опасноста од интензивниот сообраќај во населените места. Враќањето кон Повардарието трае нешто подолго бидејќи денот е се пократок и по првиот мрак ние мора да се прибереме на некоја локација. Тоа не е случај кога одиме кон бачилата на пролет, кога денот е подолг, а и ноќите се далеку потопли – вели Сафет, одговорен за стадо овци.
Напомна дека попатно не е исклучено помал број овци да ја загубат ориентацијата или да се повредат, по што можат да станат плен на некои предатори.