Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека сè уште не се прецизирани плановите во врска со билатералната средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, на самитот на АПЕК што ќе се одржи подоцна овој месец во кинескиот град Шенжен.
– Путин и Трамп ќе се сретнат одделно или ќе се сретнат на маргините на некој настан, но таа комуникација ќе се одвива – изјави Песков за руските медиуми.
Запрашан да коментира за среднорочните избори во САД, кои се одржуваат утре, 3 ноември, Песков рече дека Москва, како и остатокот од светот, внимателно го следи нивниот тек.
– Што се однесува до изборите, тоа е внатрешно прашање на САД. Ние, се разбира, многу внимателно следиме, како и остатокот од светот. Претседателот Трамп ќе остане претседател до крајот на својот мандат и ќе ја води својата надворешна политика – изјави Песков.
Тој најави дека Путин ќе разговара со кинескиот претседател Шји Џјинпинг во Шенжен за билатералните односи и координацијата меѓу Москва и Пекинг на меѓународната сцена, двајцата лидерите ќе разменат мислења за сите актуелни прашања.
– Подготовките за овој состанок се потврдени. Со нетрпение го очекуваме овој состанок. Навистина секој пат се радуваме на средбите на високо ниво со нашите кинески пријатели – рече Песков.
Самитот на АПЕК ќе се одржи на 18 и 19 ноември.

































