Путин јавно ги повика Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени за Нордистан да фати пат кон ЕУ. „Францускиот предлог е вкусен како руска салата, а бидејќи таа е дел од секоја празнична нордистанска трпеза, се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже гастрономски сенс, па на менито ќе го внесат овој важен деликатес, наречен ратататуи на бугарски начин и така ќе им овозможат на своите граѓани бесплатно изобилие во елитниот ресторан, Европска Унија“, напиша на својот Твитер, В.В. Путин, па додаде дека „официјален Кремљ отсекогаш го гледал Нордистан како марципан на врвот од големата европска торта, каде што филот мора да биде со бугарски шербет“. И продолжи, „Нордистанската ајварка е дел од европската трпеза, рамо до рамо (иако пиперките немаат рамена) со германскиот колбас, италијанската паста и шпанската мушичка, но најпрво треба, во своите учебници по Гастрономска родова еднаквост да ја напишете вистината дека вашата ајварка има бугарски корен, а нејзиното семе еднакво е по род со бугарското, сеедно што кулинарскиот еретик Тито се обиде да ја калеми како автохтон македонски производ, додека класичната зелената пиперка, како мајка на сите пиперки, секако има грчки корен“.
На нордистанците адреналинот им удри во глава. Денот кога Путин му твитна на Мицковски, Владата го прогласи за државен празник. Во знак на благодарност кон руската офанзива за влез на Нордистан под бугарски диктат во ЕУ, ДУИ изјави дека ќе ја ребрендира својата марксистичко-ленинистичка идеологија, во ленинистичко-сталинистичка. Американската амбасадорка облече ново ф’станче со черепи на кои гордо блескаат руски шубари. Славјанка и Урсула одлучија да ѝ донираат на руската армија чипови од 300.000 миксери како поддршка во војната за ослободување на Киевска Русија од украинска окупација. По улиците излегоа ветераните на шарената револуција, па од мрак до зори се ореше „Руска ПРАВДА, ВладиМИР“. Само збунетите вмроовци стоеја како телиња пред шарена револуција оти не им беше јасно како се најдоа во овој кошмар на еден колумнист со проруско презиме. Но колумнистот продолжи да ужива во својот кошмар.
Утрото по твитот на Путин осамнаа и првите наслови на слободоумните прогресивни медиуми: „Тихиот Дон го поплави дон Мицко“, „Од Русија со љубов кон ЕУ“, „ДПМНЕ се распаѓа како Азов во Мариопуљ“. Заеднички прес одржаа лидерите на владејачката коалиција, Ковачевски, Ахмети и Агелер. Зад нив, во преговарачката рамка беше врамена слика на рускиот претседател. „Не гибајте ми ја нордистанската жица, оти таа е затегната на руска балалајка“, се јави од Холивуд и поранешниот премиер, кој се наоѓа во посета на „Парамаунт“ каде што му ја раскажа својата крвава биографија на Шон Пен (откако Зеленски веќе не е интересен) за потребите на новиот филм „Црпнат од нивата на спознанието, однесен од виорот на новата нормалност низ вратите на перцепцијата, за да фрли сидро и плови напред низ морето на љубовта“.
Во својата двотомна „Апологија за руската мечка“, Тричко го спореди Путин со Менделеев, Толстој и доктор Живаго. Сега, сите сме во очекување на блескавата експертска анализа на Малески со комплексен наслов, „Нордистан како дел од Санстефанска Бугарија во Европската Унија – историска реалност и предизвици за иднината“. Како последно во нордистанската ЕУфорија за ЕУтаназија, откако руската политика им залепи шлаканица на ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи им од важноста да се отвори Уставот, а да ја затворат устата, демек тоа кај нив не проаѓало, се јави и Груевски од Будимпешта со детална анализа на натпреварот од Лигата на конференции меѓу Ференцварош и Чукарички.
Што ме гледате така бело? Па кога е гротеска, нека биде совршена. Нека ми извинат Русите што ни криви, ни должни ги налепив во нордистанскиов театар на апсурдот, но тие, растени со Гогољ, Хармс и Булгаков, јасно им е каква книжевна алатка злоупотребувам во колумнава. Нека ми прости и Путин, кој секако не ги чита моиве колумни, ама сепак, не заслужил да го злоупотребувам во контекст на последните нордистански налудничави збиднувања, оти си има војна со НАТО на плеќите, ама и европска бурлеска пред очите. Но кога веќе излегов од кошмарот и се разбудив среде нордистанската безумност, опкружен со планетарниот идиотизам, да запрашам онака, меѓу пасуси, да не заврши војната во Украина? Не, сериозно, па никој веќе глагол не фрла на тоа што таму се случува. До каде е големата украинска офанзива што НАТО ја подготвуваше низ сите свои медиуми и украински степи? Ќе дадат некогаш отчет зошто ги минираа мировните договори од Минск, додека паралелно ја обучуваа Украина за војна поддржувајќи ја во убивањето на 15.000 цивили во Донбас, за Русија конечно да почне воена операција во која, истиве западни ликови фрлија 150 милијарди евра во ветер и половина милион Украинци во смрт? Ќе дадат отчет како што дадоа по лагите за Ирак и масакрот на милион ирачки цивили.
Да се вратам онаму каде што не сакам, во нордистански степи на безумноста. Последнава фарса воопшто не ме допира. Ова што се случува во ВМРО-ДПМНЕ го имале и во далечно и во блиско минато. Во игра се уставните измени, тоа е фокусот и на овој „скандал“, а тоа е веќе здодевно. Патем, оваа небитна политичка мравка од информација што сака да биде слон, за жал, ја прегази морбидната вистина, дека во војната меѓу Македонија и Нордистан, која еден ден ќе ја завршат идните генерации македонски ќерки и синови, оти ние ја посравме работата, Уставниот суд стана дел од злосторничкото здружување за идентитетски геноцид врз Македонците.
Но мене ме восхитува, не иронијата, туку цинизмот на судбината. О, Боже, ти благодарам за ова што го дочекав! Јас, со две реченици ја натерав да ме мрази интелектуалната бижутерија на шарената револуција во времето кога нивната „креативност“ беше затворени во комбето со боја на СДСМ, а сето тоа, преку Соросовата Ал каеда, финансирано со парите на американските даночни обврзници, кои тоа, секако, не го знаеја. Тогаш им пишав, „На моите книжевни промоции има повеќе народ“, а бидејќи ми врескаа дека сум мегафон на Грујо и вмровски фашист, им објаснив дека „Не го бранам ВМРО, туку со сето срце и ум се борам против вас“. Денес ништо не се сменило во мојот светоглед. Како што некои циници гледајќи на историјата тврдат дека за да бидеш на вистинската страна само треба да видиш што избрале Бугарите и да го избереш спротивното, патем ова денес се потврдува, така јас ја имам интелектуалната бижутерија. Штом тие нешто величаат, знам дека треба да бидам на другата страна. А дека уживам додека гледам како сами себе се посипуваат со сопствените кофи хистерија, стварно уживам, не можам да одречам.