Mateusz Morawiecki
Фото: Матеуш Моравјецки/ЕПА

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски да не ги „навредува“ Полјаците. Со ова тој ја продолжи својата жестока реторика кон Киев откако полскиот претседател се обиде да ги смири тензиите предизвикани од спорот за увозот на жито, пренесе „Хина“ повикувајќи се на „Ројтерс“.

Минатата недела Полска одлучи да ја продолжи забраната за увоз на украинско жито, загрозувајќи ги односите со соседната земја разурната од војна, на која значително и помага од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година.

Зеленски ја налути соседната земја кога на Генералното собрание на ОН рече дека Киев работи на зачувување на копнените патишта за извоз на жито, но дека „политичкиот театар“ околу извозот на тој производ само и помага на Москва.

– Сакам да му кажам на претседателот Зеленски никогаш повеќе да не ги навредува Полјаците како што направи неодамна за време на неговиот говор во ОН – рече Моравјецки.

Владејачката партија Право и Правда (ПиС) на Моравјецки е цел на критики од десницата за нејзиниот наводен покорен однос кон Киев. Аналитичарите веруваат дека тоа ја принуди владејачката партија да заземе поагресивен став кон Киев.

Претходно, претседателот Анджеј Дуда, сојузник на ПиС, во обид да ги смири тензиите, рече дека спорот меѓу двете земји за извозот на жито нема да ги загрози нивните добри билатерални односи.

– Не се сомневам дека спорот за извозот на жито од Украина на полскиот пазар е само фрагмент од севкупните полско-украински односи – рече Дуда на деловната конференција. „Не верувам дека тоа може да има значително влијание врз врската, па затоа треба да го решиме ова прашање меѓу нас.