Фото: Игор Бансколиев

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

Со триумф над Црногорците, македонските одбојкари ќе обезбедат пласман во осминафиналето, меѓу најдобрите 16, што ќе претставува и најголем успех на македонската репрезентативна одбојка на европските првенства

Македонската машка одбојкарска репрезентација, предводена од искусниот стратег Јошко Миленкоски, по почетната победа и трите впишани бода против Данска на 33. Европско првенство (ЕП), група Ц, кое се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, сигурно со уште поголем елан, но и оптимизам ќе го започне денешниот втор дуел со Црна Гора (20 ч). Со триумф над Црногорците, македонските одбојкари ќе обезбедат пласман во осминафиналето, меѓу најдобрите 16, што ќе претставува и најголем успех на македонската репрезентативна одбојка на европските првенства. Четирите најдобри репрезентации од оваа група ќе продолжат во групната фаза во Бари (Италија), каде што ќе се играат и мечевите за бронзениот и златниот медал. Титулата од ЕП 2021 ја брани Италија, втора тогаш беше Словенија, а трета Полска.
– Против Црна Гора нѐ очекува натпревар што е позначаен од тој што беше против Данска. Само со ладни глави, сконцентрирано и уште помотивирано треба да влеземе во овој дуел и да ја завршиме работата, односно сонот да стане реалност. Со победа над Црна Гора обезбедуваме пласман меѓу најдобрите 16 европски селекции – оптимист е репрезентативецот Александар Љафтов.

Црна Гора очекувано, со 0-3 (19-25, 18-25, 22-25), загуби од посилната Холандија или според вкупниот број на освоени поени, 59-75. Полска пак, која е еден од главните фаворити за медал на ова ЕП (кое се игра во Италија, Бугарија, Македонија и Израел, до 16 септември), исто така со 3-0, ја победи Чешка (25-17, 25-20, 25-20).
– Ние сме поквалитетна репрезентација од Црна Гора и многу е значајно што тие се наш втор ривал на ова ЕП, односно по двата дена пауза, ние ќе бидеме и поодморни пред овој значаен меч. Очекувам од натпревар во натпревар да бидеме и подобри – вели репрезентативецот Филип Деспотовски.

Против Холандија, во редовите на Црна Гора отскокнуваа Марко Бојиќ (примач) со 13 поени, потоа Војин Ќаќиќ (примач) и Ѓорѓе Јововиќ (коректор), и двајцата со по 10. Директно од сервис беа сиромашни со само два освоени поена, од игра 47, од блок пет, додека од грешки на противникот освоија 15. Затоа, пак, од сервис на противникот загубија осум поени, од сопствени грешки 20, додека седум беа од блок-поени. Црна Гора како самостојна држава, исто како и Македонија, досега настапила само на последните две ЕП и била за едно место со послаб пласман од Македонија. Во 2019 година го освоила 18-то, а во 2021 последното, 24-то место.

По дуелот со Црна Гора, Македонија утре ќе игра со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска, потоа со Холандија (вторник) и со Чешка (среда). Сите мечеви црвено-жолтите ќе ги играат од 20 часот, освен со Холандија (17 ч.). Г.И.