Изминативе денови меѓународната јавност е затечена од последниот предлог за поделба на Украина, кој ни помалку ни повеќе доаѓа од НАТО. Имено, шефот на Канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, високопозиционираниот Стиан Јенсен, изјави дека решението на конфликтот „може да биде Украина да се откаже од својата територија, а за возврат да добие членство во НАТО“, што е еден од можните начини да се постигне компромис на завојуваните страни, и додаде дека прашањето за „пренос на територија“ е веќе на менито на НАТО, бидејќи постои широк интерес да не се повтори воениот конфликт во Источна Европа.
Анализа
Конкретни се две точки за кои се расправаат Украина и Русија, а кои се практично нерешливи. Едната се однесува на територијата, а другата се однесува на украинската неутралност. А на Русија не ѝ треба територија, туку стратегиска длабочина, односно тампон-зона
Автор: Јадранка Половиќ,
„Геополитика њуз“
Како што изгледа, во Саудиска Арабија прашањето за анектираните територии припоени кон Русија веќе е тргнато од дневниот ред, а за возврат Америка успеа да се договори за важни работи – можни гаранции од кинескиот претседател дека Кина нема да го отвори прашањето за Тајван во годината на кампањата за претседателските избори во САД и дека нема да ја зголеми воената помош за Москва, што може да доведе до воен пораз за Украина, кој би бил кобен за американските демократи во изборна година.
Сепак, некои мировни принципи неформално договорени во Џеда може да бидат проблематични и за Русија – почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и почитување на Повелбата на ОН. Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, веднаш по средбата во Џеда посочи дека „најпрво мора да се потврдат првобитните основи на украинскиот суверенитет – неговата неутралност, неврзан и ненуклеарен статус“. Дополнително, „мора да се признаат новите територијални реалности што настанале врз основа на правото на самоопределување (имплементација по референдумот) во новите руски региони гарантирани со Повелбата на ОН. Со еден збор, почитувањето на територијалниот интегритет на Украина „не може да се одвои од почитувањето на принципот на еднаква и неделива безбедност на поранешниот советски простор“.
Според Захарова, територијалниот интегритет на Украина бил доведен во прашање од страна на САД и Велика Британија кога одлучиле да ја приклучат Украина кон НАТО-пактот на сметка на безбедносните интереси на Русија. Следствено, денес Русија во Украина не води војна за територии, туку „за да обезбеди стратегиска длабочина на својата територија, без која рускиот нуклеарен потенцијал престанува да биде одвраќање“. Стратегиската длабочина на руската територија може да се обезбеди само со ненуклеарниот статус на Украина. Сепак, се чини дека НАТО е отпорен на такво компромисно решение.
Затоа, последниот предлог на САД и НАТО секако нема да биде прифатен од Русија. Како што наведува Џон Мерсхајмер, војната во Украина тешко дека наскоро ќе заврши, па дури и кога ќе заврши – „резултатот нема да биде траен, туку привремен мир“. Мирот не е можен затоа што двете страни на другата гледаат егзистенцијална закана, која мора да се победи исклучиво на бојното поле, така што тешко дека има простор за компромис, особено не според предлозите што ги нуди Западот.
Авторот споменува две конкретни точки за кои се расправаат Украина и Русија, а кои се практично нерешливи. Едната се однесува на територијата, а другата се однесува на украинската неутралност. И како што рековме, на Русија не ѝ треба територија, туку стратегиска длабочина, односно тампон-зона.
Од разбирливи причини, Украина сака безбедносни гаранции што само Западот може да ги обезбеди. Тоа значи де факто или де јуре членство во НАТО, според Мерсхајмер. Од друга страна, Москва бара неутрална Украина, што значи прекин на воените врски со Западот, а со тоа и отсуство на безбедносен чадор за Киев. Имено, Русија не му верува на Западот, особено не на украинската влада и на Зеленски по манипулациите со преговорите поврзани со договорот „Минск 2“, но и со договорот за жито од Истанбул.
По последниот предлог, очигледно е дека припоените територии (на универзално изненадување на Украинците) се она што Западот е подготвен да го отстапи (жртвува) бидејќи докажа дека не може да ги врати со воена сила. Но, не како дел од „конечното мировно решение“, туку во функција на примирје, произволно долго, кое никого не обврзува за ништо. Западот ќе се спротивстави на неутралноста на остатокот од Украина, бидејќи не сака да ги слушне руските барања за безбедносни гаранции. За Русија, воената закана што доаѓа од териториите што се дел од нејзината сфера на интерес е агресија. И тоа не се однесува само на Украина туку и на Грузија и „становите“ во Централна Азија или руските „блиски во странство“.
САД многу добро го разбираат тоа. На пример, нивните безбедносни и геополитички интереси, во согласност со доктрината на Монро, бараат на територијата на Централна и Јужна Америка да егзистираат контролирани влади, во спротивно ќе следуваат санкции и закани. Кубанската криза од далечната 1962 година е најдобар пример!
Кое е примирјето на кое Западот теоретски би можел да се согласи оваа есен? Политичкото решение во форма на размена на територии засега ги поништува основните безбедносни интереси на Русија, според кои Украина треба да има неутрален статус. Западот, од своја страна, ќе остане со санкции против Москва, а заситеноста на Украина со оружје, постојаните провокации со ракети со долг дострел и беспилотни летала ќе ги направат многу ранливи не само спорните територии и пограничните области на Русија туку и самата Москва.
Во исто време, САД и нивните сојузници ќе продолжат со политиката на изолација на Русија, за што силно ќе придонесат новите членки на НАТО – Финска и Шведска – и распоредувањето значајни сили на НАТО во Источна Европа. Западот ќе остане посветен на внесување на Грузија и Украина во НАТО, иако тоа всушност е тешко да се направи. Не само што односите меѓу Русија и Западот ќе останат токсични во иднина туку тие ќе бидат и опасни, бидејќи секогаш ќе има присутна можност за нуклеарна ескалација.
Конечно, САД и нивните сојузници нема да се откажат од идејата за промена на режимот во Москва и судење на Путин. Сепак, ниту другата страна нема да седи со скрстени раце. Имено, Кремљ ќе се обиде да ги продлабочи постојните пукнатини меѓу европските сојузници, сериозно ќе се посвети на слабеење на трансатлантските односи, што нема да биде особено тешко со оглед на големите предизвици пред кои војната ја стави европската економија, но и растечката разочараност во Европа со изгледите за бескрајна војна во Украина. Конечно, сегашната линија на фронтот можеби не мора да биде линија на разграничување на „замрзнатиот конфликт“, доколку Русија започне контраофанзива наесен, по што е можна опцијата за поделба на Украина со нејзините соседи.
И да заклучиме со Мерсхајмер! Како што наведува, во меѓународната заедница има сѐ повеќе луѓе што ги повикуваат сите страни во украинската војна да ја прифатат дипломатијата и да преговараат за траен мировен договор. Сепак, нема да се случи тоа. Има премногу застрашувачки пречки за неизбежен крај на војната, а уште помалку за постигнување договор што би можел да обезбеди траен мир. Принципите на компромис за Западот и Русија се дијаметрално спротивни. Затоа што секоја дискусија за припоените територии за Москва е споредна во однос на неутралниот статус на Украина во целина. Можниот исход е замрзнат конфликт во кој двете страни ќе продолжат да бараат можности да ја ослабат другата, па опасноста од обновување на борбите е постојано присутна.
Бруталната војна што беснее во Украина е најпредизвикувачкиот конфликт во 21 век. Целата достапна технологија и најмодерно оружје, беспилотни летала, модерни артилериски ракетни системи и проектили, и вселенскиот надзор не резултираа со успех на украинската офанзива.
Според „Вашингтон пост“, „сенката на Првата светска војна паѓа врз Украина“, што се рефлектира во враќањето на тешка земја, рововска војна во Европа меѓу армиите на две големи и важни земји, во геополитичката глупост и ароганција на политичките елити, кои непромислено решија да започнат конфликт со верба дека може да се победи во момент, во мрачниот ќор-сокак на кампањата обележана со кал. Статичната линија на фронтот, преполните ровови и бункери, недостигот од значајни територијални придобивки, торбите со тела што се полнат секој ден потсетуваат на бесмислените костурници на Верден и Сом. Навистина е време да се случи пресврт!
Крај.