Фото: ЕПА

Колку е далеку Грција од функционален европски здравствен систем?

Смртта на бремена тинејџерка и нејзиното неродено дете се само два од најмалку девет смртни случаи што веројатно можеа да се спречат во Грција ова лето доколку немаше хроничен недостиг од персонал за брза помош и здравствена заштита, дури и пред да биде земјата под опсада од шумски пожари, алармираат медиумите, опишувајќи ја ситуацијата на островите

Подготвил: Mарјан Велевски

Островите во Грција се преполни со туристи од цела Европа, па и од светот. Токму тука, на илјадниците острови, исклучително популарни и посетени во летниот период, треба да се почувствува функционалноста на една развиена држава на Европската Унија, а особено на здравствениот систем, кој треба да биде на највисоко можно функционално ниво. Но, за жал, токму таму, каде што треба да се покаже како пример и во најдобра светлина, грчкиот здравствен систем колабира.

Ужасни примери на нефункционалност на системот

Најсвеж е вчерашниот трагичен случај на грчкиот остров Тинос, во кој тригодишно момче се задушило од грозје и починало. Според информациите што ги пренесуваат грчките медиуми, таткото веднаш го однел момчето во полициска станица, која се наоѓала во близината на семејната куќа. Таму му била укажана прва помош и од устата на момчето биле извадени неколку зрна грозје. Момчето потоа било однесено до болницата со полициско возило, но веќе било доцна, тоа починало. Понатаму, смртта на бремена тинејџерка и нејзиното неродено дете се само два од најмалку десет смртни случаи што веројатно можеа да се спречат во Грција ова лето доколку немаше хроничен недостиг од персонал за брза помош и здравствена заштита, дури и пред да биде земјата под опсада од шумски пожари, алармираат медиумите, опишувајќи ја ситуацијата на островите.

Имено, според медиумските извештаи, некои островски болници немаат постојани општи лекари, потпирајќи се целосно на циклус на краткорочно покривање исполнет со персонал од копното, привлечен од парични стимулации. Службите на итната помош се во уште полоша состојба. На многу острови на Кикладите и Додеканезите едвај едно амбулантно возило на брзата помош е достапно 24 часа на ден. Овој проблем не е единствено на островите. Во Атина работат околу 50 амбулантни возила наместо 85-90, колку што се потребни.

Јоргос Матиопулос, претседател на грчката служба за брза помош (ЕКАВ), вели дека службата за брза помош треба да се преструктурира од корен, бидејќи има огромни пропусти низ целата земја. Огромното мнозинство здравствени центри на малите острови во Егејско Море се борат да одговорат на потребите, бидејќи ограничениот број лекари мора да бидат на повик секој ден. Но, дури и таму каде што државата одлучува да вработи повеќе, обидите не успеваат бидејќи персоналот одбива да се пресели на островите, каде што трошоците за живот станаа неподносливи поради порастот на туризмот.

Во јуни, 63-годишна жена на островот Кос почина во задниот дел на камион кога била префрлана во локалната болница откако колабирала, додека единствената брза помош на островот била зафатена, реагирајќи на друг итен случај. Потребни се 11 лица да управуваат со брза помош во секој дел од денот. Островот Кос со 40.000 постојани жители и домаќин на повеќе од еден милион туристи во текот на летото има три нови амбулантни возила, но може да управува само со едно, бидејќи има само 10 болничари, од кои двајца ќе се пензионираат следната година.

Неколку дена по овој инцидент, 19-годишна жена, бремена во осмиот месец, починала во атинско предградие додека чекала повеќе од пет часа за брза помош и упатила околу 20 повици до спасувачите. Заедно со неа починало и нејзиното неродено дете. Оттогаш се откриени најмалку уште шест случаи на луѓе што починале низ целата земја поради недостиг од медицински превоз. На островот Лезбос, 78-годишна жена изгубила свест додека пливала. Болничарите пристигнале два часа подоцна на местото на настанот, но констатирале смрт.

Нема долгорочно решение за дисфункционалноста на системот што се однесува до грчките острови

Колку и да изгледа идилично животот на грчките острови за посетителите, овој начин на живот е далечен за медицинскиот персонал. Островјаните претпочитаат своите сместувачки капацитети да им ги изнајмуваат на туристите отколку да заработуваат од постојана кирија од лекарите или медицинските сестри. Уште еден крупен проблем во истиот контекст е исцрпеноста на докторите, поради која тие сè почесто решаваат да дадат отказ од работата на островите. Федерацијата на здруженија на болнички лекари рече дека ова сега еволуира во оперативен колапс на многу болници во регионот, како и на болнички одделенија во поголемите градови.

Во една таква ситуација грчкиот парламент усвои амандман за „итно распоредување пожарникари и воен персонал“ на 27 јули, додека пожарникарите се борат со силните шумски пожари насекаде низ Грција.

За издвојување е информацијата дека од грчката влада официјално изјавија дека „овој потег нема цел да обезбеди долгорочно решение на проблемот со недоволниот кадар, туку да спаси животи за време на туристичка сезона“!

Јавните болници во полоша состојба отколку пред пандемијата

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вети дека ќе го реформира грчкиот државен здравствен систем како приоритет. Тој изјави дека ќе вработи околу 10.000 здравствени работници, вклучувајќи 800 возачи на брза помош и 250 болничари со мотори. Но Конфедерацијата на вработени во јавните болници рече дека тоа вработување само ги заменува неодамнешните пензионирања и не е доволно за подобрување на квалитетот на негата. Од Конфедерацијата велат дека околу 10.000 здравствени работници го напуштиле јавниот сектор во последните две и пол години, а уште 5.000 се очекува да заминат во 2023 година.

Опозициските партии силно ја критикуваат владата дека ги оставила јавните болници во полоша состојба отколку пред пандемијата, тврдејќи дека главната цел е да се приватизираат здравствените услуги – нешто што владата го негира. Но, проблемот е покомплициран од недостигот од финансии. Малку лекари или персонал за брза помош сакаат да работат на островите. Единствените двајца општи лекари во болницата во Кос дале отказ во 2021 година. Болницата сега се потпира на привремен персонал додека се обидува да ги замени, но досега никој не се пријавил. Така е и на педијатриското и радиолошкото одделение.

Токму ова е прашањето што е нерешливо за многу рурални области во Европа, од оддалечените села во Франција до северните области на Шведска.