Годинашната порака на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека иднината на човештвото зависи од младите, треба да ја слушнат и сите политички и државни структури кај нас. Таа како да е упатена и наменета токму за нив. Зашто преформулирана за наши околности, изјавата на Гутереш може да се толкува и дека иднината и опстанокот на Македонија зависат од младите. Впрочем и претседателот Пендаровски неодамна предупреди на опасноста за иднината на државата доколку ги изгубиме младите. За тоа какви се состојбите и положбата на младите во Македонија побаравме мислење и од младинските организации, експертите, комуниколозите, пензионерите, но и од политичките партии во државата
МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МЛАДИТЕ КАКО ПОВОД
Велат на младите е иднината, но клучното прашање, всушност, е каква ни е сегашноста. Меѓународниот ден на младите, 12 август, е повеќе од доволен повод за една поширока и подлабока анализа за тоа каква е положбата на младите во Македонија, како таа да се подобри и да се спречи сѐ понагласениот тренд на иселување токму на младата популација. Дали младите во Македонија се навистина загрозено малцинство, како што неодамна изјави претседателот на државата Стево Пендаровски или токму тие се моторот и локомотивата што треба да ја повлечат државата напред? Фокусот на целокупната светска (се надеваме и домашна) јавност денес ќе биде насочен кон младите и креирањето што поуспешни младински политики. Но дали е доволно само денес? Младите заслужуваат многу поголемо внимание и посветеност континуирано и без задршка. Зашто без силата, енергијата, мотивираноста, креативниот дух и елан што младоста ги носи со себе, секое општество е осудено на пропаст.
Гутереш со порака и до македонските лидери
Во светски рамки не постои универзално договорена меѓународна дефиниција за возрасната границата што ја опфаќа младата група.
Сепак, Обединетите нации ја дефинираат „младоста“ како оние лица на возраст меѓу 15 и 24 години и според оваа дефиниција се прават и сите статистики за демографија, образование, вработување, здравство итн. Но младоста секако не завршува на 24 години, туку тоа е некоја провизорна граница на премин од една во друга фаза. Од претходно образовен и едукативен стадиум во следниот работен, творечки капацитет каде што личноста потоа целосно ќе се реализира во општеството. Но само доколку добие шанса за тоа.
– Човештвото зависи од безграничната енергија, идеи и придонеси на младите насекаде. Денес и секој ден да ги поддржуваме и да застанеме со младите луѓе во обликувањето праведен и одржлив свет, за луѓето и планетата – е порака на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по повод Меѓународниот ден на младите, чија тема годинава е „Зелени вештини за млади – кон одржлив свет“.
Пораката на Гутереш, дека човештвото зависи од младите, треба да ја слушнат и сите политички и државни структури кај нас. Таа како да е упатена и наменета токму за нив. Зашто преформулирана за наши околности изјавата на Гутереш може да се толкува и дека иднината и опстанокот на Македонија зависи од младите. Впрочем и претседателот Пендаровски неодамна предупреди на опасноста за иднината на државата доколку ги изгубиме младите.
– Иселувањето не е ништо друго, освен конечен протест на младите генерации. Младите заминуваат во туѓина, бидејќи се отуѓени во државата. Доколку веднаш не му се застане на патот на овој опасен тренд и истиот не се забави со посветени политики и конкретна, во пракса реализирана стратегија за младите, нас нè очекува многу полоша иднина од онаа што во моментов ја антиципираме – порача Пендаровски.
Се слуша ли гласот на младите?!
За тоа каква се состојбите и положбата на младите во Македонија побаравме мислење и од младински организации, кариерни центри, експерти, комуниколози, пензионерите, но и од политичките партии во државата.
Од Националниот младински совет на Македонија, како претставничко тело на младинските организации во Македонија, велат дека младите во земјата се соочуваат со низа предизвици.
– И покрај намалувањето на младинската невработеност во последните неколку години, стапката останува висока – опфаќајќи дури 25,7 отсто од младите. За жал, кај институциите недостигаат интерес и посветеност за донесување на Законот за младински стандард или Законот за младинска работа. Иако нивното креирање и усвојување беа започнати уште пред почетокот на ковид-кризата и изминатата година, процесот стагнира. Императивно е гласот на младите да биде слушнат и тие да бидат активно вклучени во процесите на одлучување и формирање политики што директно влијаат на нивните животи – велат од Националниот младински совет на Македонија. Оттаму и преку конкретни бројки и сталинистички показатели посочуваат на постепената маргинализација на младите во земјата.
– Клучни тела, како националното собрание за млади и националното советодавно тело за младински политики сѐ уште не се формирани, додека локални младински совети има само во 19 општини (23 отсто од вкупниот број на општини). Само седум општини (8 отсто) имаат усвоено локална стратегија за млади, а четири општини имаат креирано и усвоено акциски план. Само една општина правилно има формирано канцеларија за млади. Врз основа на планираните буџети за 2023 година, само 13 општини издвоиле средства за имплементација на Законот за младинско учество и младински политики – нагласуваат од НМСМ.
Оттаму апелираат дека младите луѓе заслужуваат и треба да бидат приоритет, не само на институциите туку и на медиумите, и тоа не само за Денот на младите, туку постојано.
Од иновативната платформа „Аплицирај МК“, која го олеснува патот до вработување, велат дека младите, претставувајќи ја иднината на државата, треба да имаат пристап до квалитетно образование и наука, можности за вмрежување и обединување, подобрени услови за школување од инфраструктурен, образовен, структурен и системски аспект.
– Компаниите, приватниот сектор и јавниот сектор, кои овозможуваат практична работа за младите, треба да се насочуваат кон квалитетна подготовка на практикантска програма и обезбедување менторство за времетраењето на истата таа. Со тоа младите ќе можат да се посветат на квалитетно извршување на зададените задачи и притоа ќе можат да се подготват за својот кариерен пат. Кариерните центри и високото образование, како и многубројните можности што се нудат во делот на неформалното образование помагаат во профилирање на младите и овозможуваат подостапни информации и можности за кариера – велат од „Аплицирај.Мк“, посакувајќи им среќен Ден на младите.
Креирање општество по мера на младите
Според комуниколог и експерт Бојан Кордалов, единствен начин да се спречи масовното иселување на младите од Македонија и од регионот е да им се даде директна можност и шанса да го креираат општеството и да создадат општество по нивна мера во секоја сфера.
– Бидејќи ако велиме дека иднината останува на младите, тоа значи дека таа иднина треба да ја создадеме почнувајќи од сега. А ако земеме предвид дека оваа генерација деца и млади се првите што се целосно родени во ера на технологија и дигитализација, тогаш дефинитивно е неопходно тие самите да ги направат неопходните општествени промени. Меѓутоа стравот што постои кај средните и повозрасните генерации веќе повеќе од деценија спречува таквите промени да се случат, поради тоа што тие се плашат за својата положба, недостигот од вештини, губење можности и привилегии… Тоа води до пораки и судир помеѓу генерациите, кој се одразува во невидени размери досега, а од кој штетите ги трпиме сите, без исклучок и без разлика на возраста – вели Кордалов.
Во однос на тоа што македонските власти конкретно можат да направат, тој нагласува дека треба да ги приспособат професиите и начинот на работа на потребите на флексибилност на живот на младите луѓе, да го реформираат образовниот систем, по моделот на европските и американските, каде што младите масовно одбираат да учат и да студираат, да вложуваат драстичен процент од јавниот буџет во активности и мерки што ќе ги изберат и креираат младите, а особено да ги поддржат стартап-културата, дигиталното номадство и другите вештини на сегашноста и иднината што младите ги развиваат.
– Ќе дадам само еден пример, а тоа се десетиците илјади млади луѓе што од Македонија работат онлајн за западни компании и заработуваат високи плати за овдешни услуги. Тоа се свежи пари што наши млади луѓе ги внесуваат во македонската економија. Па наместо да ги гледаме овие млади како „цел за оданочување“, да преземеме конкретни мерки како држава за да ги помогнеме, дополнително финансираме, па со тоа да се поттикне ваквиот тренд, да се прошири и неколкукратно да се зголемат приходите од странство што ќе доаѓаат во земјава – нагласува Кордалов.
За предизвиците со кои се соочуваат денес младите во Македонија ги прашавме и повозрасните, како своевиден синоним на наталожено искуство, знаење и мудрост.
– На младите останува иднината. Тоа е голема вистина затоа што сите прогресивни идеи, секој напредок во кој било домен го носат младите. Врската меѓу возрасните и младите е нераскинлива и во минатото и денес и во иднина, само се менувале формата и содржината, затоа што во старите се мудроста и искуството, а во младите силата и енергијата. Би додала и храброста. Ние сме си потпора едните на другите и меѓу нас мора да постојат почит и разбирање. Како ќе ги задржиме: со добро образование, добра социјална и здравствена заштита, со праведен пристап до сѐ, особено до работните места… И како што рекол еден поет: на младите треба да им обезбедиме да си ги знаат корените, да им дозволиме да полетаат, но и да им кажеме каде секогаш можат да се вратат – вели Калина Сливовска од СЗПМ.
Според последните статистички податоци на ОН, денес во светот има 1,2 милијарда млади луѓе, што претставува 16 отсто од светската популација, а процените се дека нивната бројка до 2030 година ќе порасне за уште 7 проценти. Во Македонија, пак, бројот на вкупното население, и особено на помладите, е во постојано опаѓање. Тоа е доволен индикатор за вклучување на алармот и за преземање итни мерки за подобрување на состојбите. И тоа почнувајќи уште од денес, на Меѓународниот ден на младите. За да ги спасиме државата и сопствената иднина.
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ НА СДСМ
Нашите млади ќе бидат еднакви со младите од ЕУ
Владата предводена од СДСМ презеде низа системски решенија за подобрување на условите за живот на младите и нивна поголема вклученост во нашето општество, затоа што тие се иднината на нашата држава. Од маргинализирана и потценувана категорија граѓани како што беше цели 11 години, денес младите во Македонија се рамноправен партнер чиј глас се слуша и чии барања се реализираат. Успеавме значително да ја намалиме младинската невработеност, воведовме Гаранција за млади, која до денес опфати околу 80.000 млади луѓе, успеавме да ги покачиме студентските стипендии, а за првпат по една деценија воведовме стипендии за втор циклус од 9.000 денари и трет циклус од 18.000 денари за дефицитарни струки. Заедно со младите и студентите за првпат обезбедивме мерка субвенциониран студентски оброк, со кој се опфатени 40.000 редовни студенти. Обезбедивме младински додаток од 3.000 денари на плата за млади во производствен процес. Преку Законот за младинско учество и младински политики секоја институција доби службеник за млади, а продолжуваме со отворање младински центри низ општините во државата. Но она што е клучно, СДСМ преку институциите што ги предводи работи на реализација на стратегиската цел членство во ЕУ веќе до 2030 година, со што нашите млади конечно ќе бидат еднакви со младите од ЕУ, а тоа за нив ќе донесе и повеќе шанси за едукација, вработување, вмрежување, отворање свој бизнис и натпревар на единствениот пазар на Унијата, велат од Центарот за комуникации на СДСМ.
УНИЈА НА МЛАДИ СИЛИ НА ВМРО-ДПМНЕ
Секој ден во Македонија ќе биде ден на младиот човек
Македонија е државата чие младо население во најголем број овој ден го одбележува меѓународно, односно како работници на плажите во соседството и Европа, најмногу поради недостигот од перспективи, неповолната бизнис-клима и партизацијата на секоја пора од општеството наместо реализирање на ветувањата за подобар младински стандард, велат од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
– Денешниот ден би сакал да го посветам на надежта, на еден копнеж за подобро утре, иднина за младите луѓе во која сечиј глас ќе биде слушнат, иднина на идеи и иновации, во која конечно ќе се стави крај на масовното иселување. Во УМС се грижиме сите 365 дена во годината да бидат посветени на младите, а постојано преземаме чекори за враќање на довербата во политиката како начин за остварување на промените. Ниски даноци, повисоки плати, подобри услови за работа и вработување, простор за искажување на мислењето и борба против неправдите, кои ги изнагледавме изминатите години, беа само дел од работите што ги презентиравме на првиот политички карван и младински саем организиран од УМС под слоганот,,Иднина за сите во Македонија“. Заедно со младите, во непосредна комуникација и со посета на секое населено место, собираме идеи, дискутираме за предизвиците пред нас, ја пишуваме младинската програма, која ќе биде вметната во партиската програма за наредните парламентарни избори. Нашите противници овој Меѓународен ден ќе го искористат да продаваат бајки и ќе се фалат што направиле за младите, а, за жал, младите ќе го слушаат тоа од странство. Како младина, ние тоа ќе го промениме. Секој ден во Македонија ќе биде ден на младиот човек, бидејќи ќе создадеме средина во која секој ќе може да напредува и да просперира – вели Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.