Доколку внимателно се анализира, може да се заклучи дека во еден подолг период се оштетуваат спомениците и спомен-обележјата на значајни личности и настани, херои од Народноослободителната војна и партизанското движење на македонскиот народ. Но вандализирањето не е ограничено само на споменици од Втората светска војна и борбата против фашизмот, во изминативе години беа оштетени и споменици на значајни личности и настани од периодот на македонската револуционерна борба и илинденскиот период, како што беше неколкукратното оштетување на споменикот на македонскиот великан Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје

Вандализирањето на споменикот на македонскиот бранител Горан Стојменовиќ како повод

Вандализирањето на меморијалните споменици и спомен-обележјата како да стана „нормално секојдневие“ во македонското општество, а потврда за тоа е и последниот уништувачки чин врз споменикот на Горан Стојменовиќ, загинат припадник на Министерството за внатрешни работи (МВР). Немилиот настан веднаш беше осуден од поголемиот дел од граѓаните, но загрижувачки е фактот дека во еден подолг период перманентно се сквернават спомениците и спомен-обележјата на значајни личности и настани од македонската историја. Неретко станува збор за несовесно однесување на граѓаните, меѓутоа во многу случаи може да се констатира дека, всушност, со умисла е сторено поведението за непочитување на сопствената држава и нејзините државотворни обележја.

И љубов и омраза кон татковината?!

Вандалското однесување е кривично дело според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, каде што е предвидена парична казна или затвор до три години. Но и покрај законската регулатива во изминативе години беа оштетени повеќе споменици и спомен-обележја на значајни личности и настани од Народноослободителната војна и партизанското движење на македонскиот народ. Меѓутоа вандализирањето не е ограничено само на споменици од Втората светска војна и борбата против фашизмот, во изминатиов период беа оштетени и споменици на значајни личности и настани од периодот на македонската револуционерна борба, како што беше неколкукратното оштетување на споменикот на македонскиот великан Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје. Од вандализирањето не беа поштедени ниту значајните личности на современата македонска литература и култура, како што беше сквернавењето на бистата на еден од најистакнатите македонски поети Анте Поповски, која беше откорната и фрлена во крајбрежјето во Струга, а слична судбина имаше и бистата на Славко Јаневски.
По секој вандалски чин, надлежните ги осудуваат ваквите постапки, како што беше искажувањето на Тодорче Тасевски, директор на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој повика на елементарна почит кон ликот и делата на македонските поети што се вградија во основањето на еден од најпознатите светски поетски фестивали.
Меѓутоа праксата покажува дека многу ретко се откриваат извршителите на вандалското однесување.
За оваа состојба разговаравме и со граѓаните кои ни посочија дека државата преку нејзините институции треба да работи кон зголемување на свеста во општеството за значењето на меморијалните споменици и спомен обележјата, да се работи со децата од најрана возраст, во текот на школувањето и воспитувањето. Од друга страна, некои од граѓаните ни нагласија дека треба да се зголемат казните и да се засили заштитата бидејќи досегашните мерки не даваат резултати.

Мини-анкета со граѓани

Во анкетата со повеќе граѓани во неколку града од Македонија (Скопје, Битола, Прилеп, Струга, Гевгелија, Куманово и Струмица), мислењето на анкетираните во врска со нивниот став за оштетувањето, вандализирањето, па и промената на описните објаснувачки табли на спомен-обележјата беше унисон: спомениците задолжително да се чуваат како што се, оригинални, а таблите со објаснувањата да не се менуваат. Тоа се паметници што сведочат за историјата на македонскиот народ и на сите други граѓани, кои го вложиле она што им било најсвето за својата држава и за идните генерации.
Исто така, за издвојување е ставот на анкетираните што сметаат дека токму спомениците се местата за неизоставна посета од страна на училишните излети и екскурзии. Историска настава во природа, која ќе опфаќа посета и раскажување на самото место на историските настани, е она што недостига во денешната настава и во основните и во средните училишта, велат анкетираните.
Горан Соларов, жител на Дебар Маало, вели дека досега неколкупати бил оштетуван споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк и покрај апелите и интервенциите на надлежните. Според него, станува збор за неодговорно однесување на младите, кои несвесно го нарушуваат угледот на македонската држава.
– Повеќекратното вандализирање на споменикот на Гоце Делчев беше злоупотребено од страна на некои лица и организации во Бугарија, кои македонската држава ја претставија во црно светло. Демек ние Македонците како народ не се грижиме за своите херои. Со секој вандалски чин се покажува неодговорно однесување и доколку не ја почитуваме сопствената историја, како да очекуваме дека некој друг ќе ја почитува – вели Горан Соларов.
Спасе Стрезоски од Струга раскажува како сѐ почесто е сведок на оштетени и запуштени бисти на македонските херои и на спомениците од НОБ. Во минатото тој постојано гледал групи ученици што со своите наставници ги посетувале спомениците и раскажувале за историски настани при посетата на паметниците. Сега го нема тоа. Д.Ст.