Фото: Маја Јаневска-Илиева

Официјалниот пријателски натпревар против Романија од отворен тип за публика ќе се одржи денеска во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 19 часот. Атмосферата во македонската репрезентација е добра, се работи и тренира како и досега, а овие пријателски дуели само ќе придонесат за проверка и подобрување на формата на македонските одбојкари, ни изјави генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ

ОДБОЈКА – ПО ПРВАТА ФАЗА НА РЕПРЕЗЕНТАТИВНИ ПОДГОТОВКИ ПРЕД ЕП

Подготвителниот период на македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација, предводена од селекторот Јошко Миленкоски, со т.н. „суви тренинзи“ заврши, па сега на ред се контролните натпревари за да се види што сѐ е сработено во овој изминат подготвителен период пред настапот на Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи годинава (30 август – 6 септември) во Скопје.
Вчера во Скопје требаше да се одржи првиот натпревар со Романија, но од затворен карактер, додека за денеска е закажан вториот, но од отворен тип, односно со можност за присуство на публика во СЦ „Јане Сандански“.
За Романија настапот на годинашново ЕП ќе биде 18-то, а досега има освоено вкупно пет медали, едно злато (1963), две сребра (1955 и 1958) и две бронзи (1971 и 1977). На последното ЕП 2021, Романците не се пласираа.
– Вчера беше предвиден заеднички тренинг со репрезентацијата на Романија, а официјалниот пријателски натпревар од отворен тип за публика, пак, ќе се одржи денеска во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, со почеток во 19 часот. Утре наутро Романците си заминуваат од Македонија. По овој натпревар следува официјалниот пријателски дуел со репрезентацијата на Израел, кој е закажан во Кавадарци на 14 август. Атмосферата во македонската репрезентација е добра, се работи и тренира како и досега, а овие пријателски дуели само ќе придонесат за проверка и подобрување на формата на македонските одбојкари – ни изјави генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ.
Според објавениот план, Македонија треба да одигра пријателски дуел(и) и со селекцијата на Јапонија, а од 18 до 20 август во Скопје е предвиден и традиционалниот турнир „Чајка“, со учество на селекциите на Македонија, Грција, Египет и на Јапонија.
На годинашното ЕП во групата Ц, Македонија прво ќе се сретне со Данска, на 30 август, три дена подоцна со Црна Гора, па ќе следува мечот со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска, на 3 септември, натпреварот со Холандија е на 5 септември, а следниот ден и дуелот со Чешка. Билетите за мечевите се продаваат преку интернет-страницата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Македонија на претстојното ЕП ќе игра за прв пласман во осминафиналето на европските првенства, каде што ќе настапат четирите најдобри репрезентации од секоја од четирите групи. Селекциите од групата Ц ќе го играат осминафиналето во Бари (Италија).
На претходните два шампионата Македонија се пласира на 17-то (во 2019 година) и на 23-то место (во 2021 година). Г.И.