Црвено-жолтите се во групата Ф, заедно со Норвешка, Црна Гора и со Грузија, а следен противник им е Црна Гора. Тој меч ќе се игра денеска, од 19.30 часот
РАКОМЕТ – СП ЗА КАДЕТИ ВО ХРВАТСКА
Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија (до 19 години), предводена од селекторот Раде Стојановиќ (кој патем во 52-та минута заработи црвен картон), минимално загуби со 25-27 (9-11) од фаворизираната Норвешка во првото коло на 10. Светско првенство (СП), кое се одржува во Хрватска (2-13 август) со учество на 32 селекции. Одлуката за победникот падна во последните две минути. Норвежаните во првиот дел имаа најголема предност од три гола, но Македонија не се предаваше и постојано се закануваше. Најдобар играч во македонскиот табор во спортската сала „Замет“ во Риека беше средниот бек Мирче Калајџиески со седум постигнати гола, додека на мечот доминираше левото крило на Норвешка, Мариус Олсет, со девет успешни реализации. Во вториот натпревар од оваа група, Црна Гора убедливо ја совлада Грузија со 34-19. Освен во Риека, натпревари по групи на ова СП се играат и во Вараждин, Копривница и во Опатија.
Македонските кадети (генерација 2004 и помлади) се во групата Ф, заедно со селекциите на Норвешка, Црна Гора и на Грузија, а следен противник на црвено-жолтите им е репрезентацијата на Црна Гора. Тој меч ќе се игра денеска, од 19.30 часот, додека натпреварот против Грузија ќе биде утре, од 17.30 часот.
Првите две репрезентации од вкупно осумте групи обезбедуваат пласман во главната рунда, а другите две селекции од групите ќе играат во т.н. Президент-куп. Ако Македонија се пласира во главната рунда, тогаш ќе вкрсти со групата Е, во која се наоѓаат репрезентациите на Мексико, Данска, Чиле и на Австрија.
Бранител на титулата е селекцијата на Египет, која на СП во Македонија одржано во 2019 година, во финалето ја совлада Германија со 32-28, додека трета беше Данска, која, пак, славеше над Португалија со 35-27. Македонија тогаш го освои 13-то место од вкупно 24 репрезентации. Во 2021 година поради ковид-19, СП што беше закажано во Грција не се одржа. Г.И.