Мртви херои и живи агресори

На Илинден, антидржавни елементи покажаа дека не ги почитуваат хероите што паднаа за Македонија, а ниту својата татковина

Не стивнуваат реакциите по вандализирањето на споменикот на Горан Стојменовиќ, припадник на Министерството за внатрешни работи (МВР) загинат во пресметката со вооружените терористи во кумановското Диво Насеље во 2015 година. Неговиот лик и другите делови од споменикот, вклучувајќи ја и пораката „Хероите живеат вечно“, се оштетени од непознати сторители токму на денот кога Македонија го чествуваше државниот и национален празник Илинден. Покрај вандализирањето на споменикот, оштетени се и повеќе икони и крстот во паркот, кој е посветен на загинатиот припадник на МВР во близината на месната заедница „Питу Гули“ во Инџиково. За инцидентот е известена полицијата, која изврши увид на местото каде што му се оддава почит на нејзиниот загинат колега, а најблиските бараат брзо расветлување на овој вандализам.
Вандалскиот чин беше осуден од институциите и од граѓаните, а меѓу нив беше и Бобан Стефковски, градоначалникот на Гази Баба, кој упати најостра осуда.
– Изразувам најостра осуда за вечерашното сквернавење на споменикот на загинатиот бранител во борбите во Диво Насеље, Горан Стојменовиќ, како и на иконите, кои се дел од осветениот крст поставен во истиот парк во Инџиково. Ваквиот сторен чин на денешниот голем македонски празник Илинден и христијански празник Св. Илија претставува срамен и кукавички чин, кој е за најостра осуда. Како градоначалник на Општина Гази Баба, барам итно и неодложно преземање на сите законски дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи и што поскоро сторителите на овој чин да бидат изведени пред лицето на правдата – вели Бобан Стефковски.
Градоначалникот на Гази Баба исто така нагласи дека споменикот ќе биде обновен, вклучувајќи ги и иконите, и во иднина ќе му се дава почит на загинатиот Горан Стојменовиќ.
Со реакција за вандалскиот чин излегоа и од Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), од каде што побараа надлежните институции веднаш да преземат акција за наоѓање на вандалите.
– Најостро го осудуваме сквернавењето на споменикот на нашиот брат Горан Стојменовиќ во скопско Инџиково. Горан херојски загина во борбите со албанските терористи во кумановското Диво Насеље во 2015 година – се вели во реакцијата на ДПСМ.
Жителите на Инџиково исто така излегоа со своја реакција. Според Љубомир Ковачев, вандалскиот чин е насочен не само против херојската смрт на Горан Стојменовиќ туку и против државата и нејзините институции. Ова е срамота, да се сквернават ликот и делото на бранител што го положил животот во одбраната на Македонија токму на великиот празник Илинден. Ова е непочитување на државата, вели Ковачев. Д.С.