Со преку 30 традиционални обичаи, стотици статисти и многу гости денеска во Галичник се одржа 60. издание Галичка свадба, на која се венчаа Оливер Андреевски и Елисавета Булоска.
Зетот по потекло е од Галичник од семејството Шулески, а невестата е со потекло од Охрид.
Тие ја продолжија децениската традиција, која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат обичаите на Мијаците од заборав.
Бројните членови на нивните семејства, пријателите и гостите дојдоа од различни краишта од Македонија, но и Европа за да бидат сведоци на овој прекрасен настан кој се случува секоја година, првиот викенд по празникот Петровден.
Свадбените активности почнаа вчера со поставување на свадбарскиот бајрак, неговото китење и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот.
Претседателот Стево Пендаровски, со неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше на културно-сценската манифестација „Галичка свадба“, што традиционално се одржува под негово покровителство.
Прочитајте повеќе во утрешниот број на „Нова Македонија“
Фото: Киро Кипровски